Заврши меѓународната манифестација „Битолски книжевни паметења“
Со врачување на наградите од традиционалниот конкурс на „Битолски книжевен круг“ и со промоција на наградени книги, заврши 11. Меѓународна манифестација „Битолски книжевни паметења“ организирана од Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“, финансиски поддржана од Министерството за култура, како проект од национален интерес, како и со поддршка од Општина Битола.
На манифестацијата учествуваа истакнати писатели од Друштвото на писателите на Македонија, како и од Саудиска Арабија, Италија, Шпанија, Франција, Полска, Србија, Босна и Херцеговина, САД, Холандија, Бугарија, Западен Бенгал (Индија), Романија, Германија, Словачка и Кина.
Годинашен добитник на наградата „Книжевен круг за проза“ е Јована Матевска-Атанасова, книгата „Премолчено пладне“ од Никола Илијовски е наградена со „Книжевен круг за поезија“, а книгата „Книжевно-критички читања“ од Даниела Андоновска-Трајковска е добитник на наградата „Книжевен круг за критика“. Со одлука на организаторот, книгата „Денот кога го изедовме Бога“ од Гордана Јовиќ-Стојковска е добитник на наградата за книга на македонски јазик од странски автор.
Организаторите информираа дека традиционалните награди „Мозаик“ за достигнувања на странски автори годинава им беа доделени на писателите Виктор Радун Теон од Србија, Катја Ерменкова од Бугарија и Звонко Танески од Словачка. Во рамки на манифестацијата беше претставена изложба на Симонида Филипова Китановска – професионален уметник и член на ДЛУМ, а за учесниците и гостите на манифестацијата следеа музички колажи на познати композиции во изведба на м-р Марија Шамоска Буџаковски-пијано и професорката Светлана Богданоска Ристоски, флејта. Организацискиот одбор на манифестацијата, писателките професор д-р Даниела Андоновска-Трајковска, Елизабета Јончиќ и Весна Мундишевска-Велјановска на учесниците им приредија посета и проштека низ Националниот парк „Пелистер“ и познатата Историска патека од Првата Светска Војна 1914-1918, што се наоѓа на планината Баба.
Comments