top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Заврши балканската турнеја на „Танец“

01.11.2024 Oktomvri Vtornik

Македонскиот државен ансамбл за народни игри и песни „Танец“ со успех, проследен со громогласни аплаузи по секој концерт, ја заврши својата концертна турнеја низ три главни града на Балканот, одушевувајќи ја публиката во Подгорица (Црна Гора), Љубљана (Словенија) и во Загреб (Хрватска). Ансамблот, познат по својата богата традиција на меѓународни претставувања на македонскиот музичко-сценски фолклор, повторно остави неизбришлива трага низ Балканот, обединувајќи ги луѓето и славејќи го македонското наследство, како драгоцен дел од културното наследство на регионот и светот.

– Ансамблот настапи во престижни сали, во салата на културно-информативниот центар „Будо Томовиќ“ во Подгорица (20.9), „Цанкарјевиот дом“ во Љубљана (22.9.) и во „Ватрослав Лисински“ во Загреб (24.9.), при што секоја изведба беше поздравена со громогласни ракоплескања и стоечки овации. Публиката беше почестена со разновиден репертоар, кој ги прикажуваше уникатните сложени ритми, моќните изворни гласови, кои на автентичен начин ги донесоа македонските напеви од постарата и поновата традиција на македонскиот народ, а со своите неповторливи орски игри, на сеопфатен и извонреден начин, игроорците ги презентираа богатствата на македонскиот народ – велат од „Танец“.

На концертите во Подгорица, Љубљана и во Загреб беше изведена богата музичко-сценска програма од различни периоди на ансамблот, во која беа неизоставно застапени изворни ора – „тешкото“, „женско чамче“ и „копачка“ – уникатното оро од село Драмче, кое се наоѓа на репрезентативната листа на УНЕСКО за заштита на светското нематеријално културно наследство на човештвото. Исто така беа изведени и четири кореографии – „Жетварка“, „Мариовска тресеница“, „Малешевка“ и „Радовишки собор“, како и неколку сплетови од вокали и вокално-инструментални бисери, во исполнение на оркестарот и хорот на „Танец“, со првенката Сузана Спасовска. Нашиот ансамбл, речиси на секој концерт имаше уникатна можност, заедно, во еден глас да ги пее со публиката антологиски песни „Да сум бистра вода“, „Седна баба да вечера“, „Кирјана вино продава“, „Море сокол пие“, „Македонско девојче“ и многу други. Најмногубројна и најзадоволна беше верната публика, која го следи овој наш најстар и единствен од тој вид ансамбл сиве овие 75 години од неговото постоење.


0 views

Comments


bottom of page