За тројца Македонци европска награда за драмски превод
- Aleksandar Santovski
- Mar 22, 2021
- 2 min read
22.03.2021 Mart ponedelnik
Македонските преведувачи Атанас Вангелов, Катица Гароска Ацевска и Благоја Бошковски се добитници на европска награда за драмски превод за 2021 година, во конкуренција на 343 пријавени преводи од цела Европа. Европската мрежа за современа драма и превод – Еуродрам ги соопшти резултатите од изборот на најдобри преводи на европско ниво за 2021 година, а меѓу нив се токму три преводи на македонски јазик. “Се работи за „Праведници“ од Албер Ками, во превод од француски на Атанас Вангелов; „Од сабајле не сум запрел“ од Уна Визек, во превод од хрватски на Катица Гароска Ацевска и „Диши“ од Данкан Мeкмилан, во превод од англиски на Благојa Бошковски“, соопшти Македонскиот комитет на Еуродрам . Исто така, меѓу најдобрите од два други јазични комитета се најдоа и преводите на две драми од македонски автори: „Изгубени Германци“ од Дејан Дуковски, во превод на босански/црногорски/српски/хрватски од Лука Сушиќ и „Така било пишано“ од Сашко Насев во превод на украински од Ана Багрјана. Наградените преводи ќе бидат споделени во мрежата на Еуродрам, а доколку условите дозволуваат, ќе бидат претставени преку јавни читања во 2021 година. Македонскиот комитет на Еуродрам соопшти дека изборот на најдобри драмски преводи во Европа за 2021 му е посветен на Марсел Куртијаде (1953-2021), француски лингвист, предавач на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации во Париз, член на Еуродрам и познат истражувач и афирматор на ромскиот јазик и култура. Еуродрам е европска мрежа за современа драма и превод, која опфаќа повеќе од 300 членови организирани во 29 јазични комитети меѓу кои е и македонскиот комитет. Главна цел на мрежата е да го поттикне преводот на современи драмски дела од Европа, Централна Азија и Медитеранот, правејќи ги достапни за театарските професионалци и публиката, во духот на независноста, рамноправноста и јазичната разновидност. Членови на Македонскиот комитет на Еуродрам се: Катерина Коцевска, актерка, драмска писателка и директорка на Драмски театар Скопје; Фроса Пејоска-Бушеро, преведувачка и професорка на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации во Париз; Александар Зицман, преведувач и предавач на Катедрата за славистика на Универзитетот во Виена; и Иван Додовски, театролог, писател и професор по критичка теорија и литература.

Commentaires