За прв пат од 1961 година, тепихот на Оскарите нема да биде црвен
За прв пат од 1961 година, тепихот на Оскарите нема да биде црвен. Како што пренесуваат странските медиуми, во средата пред театарот Долби во Холивуд работниците кои работат на подготовките за овогодинешното доделување на Оскарите го развиткуваа тепихот во боја на шампањ, додека водителот на 95-те Оскари, Џими Кимел, им се обрати на новинарите. „Мислам дека одлуката наместо црвен тепих да има тепих во боја на шампањ покажува колку сме сигурни дека нема да се пролее крв“, се пошегува Кимел. Одлуката за промена на бојата ја донеле креативните консултанти Лиза Лав, долгогодишна соработничка на Вог и Раул Авила, креативен директор на гламурозната Мет Гала во Њујорк. Годинава тепихот ќе биде делумно покриен за да се заштитат ѕвездите и камерите од временските неприлики, но и пристигнувањата да се претворат во вечерен настан. Црвениот тепих на Оскарите датира од 1961 година, кога се одржа 33-тото доделување на Оскарите во Сивик аудиториум во Санта Моника, но пошироката јавност не го виде црвениот тепих во полн сјај на телевизија сè до 1966 година, кога наградите на Оскар беа емитувани во боја за прв пат. Потсетуваме дека овогодинешното доделување на Оскарите започнува во понеделник во 2 часот по европско време или во 20 часот по локално време во Лос Анџелес.
Comments