За освојувачите на медали награди и до 744.000 долари?
Updated: Aug 5, 2021
04.08.2021 Sreda Avgust
ЛОИ ВО ТОКИО
Настап и освоен златен, сребрен или бронзен медал на олимписки игри (ОИ) е врв во кариерата на секој спортист, награда за многуте години жртвување и исцрпувачки тренинзи, најчесто надвор од очите на јавноста. Но ниту еден од спортистите не добива паричен надомест од организаторите за нивното учество на ОИ во Токио. Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) ќе заработи помеѓу три и четири милијарди долари од ТВ-правата за овие Игри, според „Асошиејтед прес“. Но тие пари не се делат со спортистите што учествуваат на ЛОИ и на Параолимписките игри (ПОИ). ИОК не доделува парични награди за освоено едно од првите три места. Спортистите добиваат медали, а оние што ќе се пласираат меѓу осумте најдобри „олимписка диплома“ и сертификат.
Сепак, повеќето освојувачи на олимписки медали добиваат парични награди од нивниот национален олимписки комитет (НОК). Олимпискиот и Параолимписки комитет на САД спортист(к)ите ги наградува со по 37.500 долари за златен, 22.500 за сребрен и со по 15.000 долари за бронзен медал. Некои земји, претежно оние што освојуваат малку медали, се многу подарежливи со наградите, според Мониандер30.ком. Сингапур на своите спортисти медалисти им плаќа 744.000 долари за злато, 372.000 долари за сребро и 286.000 долари за бронза. Хонгконг ги наградува со по 644.000, потоа 322.000 долари и 161.000 долари, Малезија, покрај тоа што дава 241.000 долари за злато, 72.200 долари за сребро и 24.100 долари за бронза, на своите освојувачи на медали ќе им исплаќа месечна плата доживотно, околу 1.182 долари за злато, 709 долари за сребро и 473 долари за бронза. Многу спортисти што настапуваат на Игрите, секако, заработуваат и од спонзорски договори.
Comments