top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

За онлајн пријавување на проекти од култура турканици нема, но аплицирањето сè уште – сложено?!

01.11.2021 Noemvri Ponedelnik

Од Министерството за култура посочуваат дека „корисниците секојдневно се консултираат на отворените телефони, а тековно се решаваат и отворените прашања со цел секоја апликација да е успешна и секој корисник лесно да го изврши пријавувањето, кое започна на 4 октомври и ќе трае до 6 ноември до 12 часот“. Дел од апликантите, пак, сметаат дека ова електронско аплицирање треба да се поедностави во однос на бројот на документи кои се бараат за еден проект?!

Годинава за првпат се воведе електронско пријавување на проекти за годишните конкурси од областа на културата со цел да се спречат километарските редици кои се создаваа пред ресорното Министерство, како и нервозата кај апликантите. Надлежните велат дека се бараат консултации, но дека застој нема… Апликантите пак, сметаат дека е добро што е воведено електронското аплицирање, но дека треба да се поедностави во однос на бројот на потребните документи за еден проект.

„Според комуникацијата што ја имаме со корисниците преку отворени телефонски линии и преку електронска пошта, изразуваме задоволство од текот на одвивањето на Годишните конкурси. Корисниците секојдневно се консултираат на отворените телефони. Тековно ги решаваме отворените прашања со цел секоја апликација да е успешна и секој корисник лесно да го изврши пријавувањето“, велат од Министерството за култура.

Инаку, со години наназад аплицирањето преку доставување на документи во архивата на Министерството, како и преку пошта, се одвиваше со тешкотии, што кулминираше минатата година кога во екот на пандемијата пред Министерството во редици и без потребно растојание се чекаше со саати, а пак, бројката на вработени на шалтерите поради болеста и ковид препораките беше намалена.

„Со оваа апликација се забрзува целиот процес – од пријавување до изготвување решение. Со затворањето и испраќањето на пријавата, секој корисник автоматски добива архивски број на неговата е-адреса. Така, можеме да информираме дека до петокот имаше пристигнато околу 300 пријави. Корисниците главно ги користат викендите, па денеска очекуваме тој број да е удвоен“, изјавија вчера за весникот ВЕЧЕР од Министерството за култура.

Дел од апликантите, пак, сметаат дека и ова електронско аплицирање може уште да се поедностави и дека за еден проект се бараат премногу документи.

„Јас уште пред десетина години заговарав електронско пријавување и пред седум- осум години бев поканет за подготовка на нов тип апликација. Предлагав упростување и поедноставување, како што се работи во многу земји. Но тогаш моите предлози не беа прифатени. Добро е сега што аплицирањето е електронско, но мислам дека може уште да се поедностави бидејќи според мене се бараат непотребни документи за една апликација. Сега за една апликација прикачуваме 15-16 документи што е премногу. Има земји во кои се аплицира само со два-три документи. Потребно е многу време за подготовка, а од друга страна еден дел од тие документи сметам дека се неважни и не влијаат на квалитетот на проектот и оценување на апликацијата. Се бара согласност од секој учесник во проектот што сметам дека е непотребно. Со редуцирање на бројот на документи и за Министерството ќе биде поедноставно, и за тие што ќе ја разгледуваат апликацијата, како и за нас и за нашите соработници. Во основа, добро е што е воведено електронското аплицирање и требаше да се направи уште пред десетина години“, вели Нове Цветановски од „Македоника литера“.

Од страна на Министерството за култура посочуваат дека е преземено сè, процесот да се одвива непречено. Вработените за техничка поддршка се достапни во текот на целото работно време.

„Системот е подготвен и тестиран на голем број потенцијални корисници, а годишните конкурси се отворени до 6 ноември до 12 часот. Рокот полека истекува, па затоа ги замолуваме апликантите навреме да ги поднесуваат пријавите со цел да си дадеме простор сите заедно, за евентуално решавање на извесен проблем, доколку има можност до крајот на рокот тој да се исправи“, додаваат надлежните.

Електронскиот начин на аплицирање, пак, го олеснува пријавувањето без физичко носење на документацијата во Министерството, и како што велат од Министерството, за околу 2 месеца го скратува времето за внесување, евидентирање и евалуација на пријавите, што до минатата година се правеше рачно. Оттаму посочуваат и дека со електронската апликација се елиминира можноста за злоупотреба, односно да се менуваат или да се додаваат документи откако е завршено пријавувањето. (Д.Т.)


1 view

Comments


bottom of page