За крунисувањето на кралот Чарлс ќе се носат три круни
Кралот Чарлс Трети и Камила, кралицата придружничка, ќе носат три круни за време на церемонијата во Вестминстерската опатија во Лондон.
Според традицијата, кралот Чарлс Трети ќе биде крунисан со круната на Свети Едвард за време на службата за крунисување во Вестминстерската опатија на 6 мај 2023 година.
Круната на Свети Едвард се смета за централен дел на колекцијата „краун џулс“. Со тежина од 2,2 килограми и изработена од цврсто злато, круната има 444 скапоцени камења, вклучувајќи рубини, сафири, гранети и турмалини.
Кон крајот на церемонијата на крунисување и на појавувањето на балконот на Бакингемската палата, кралот ќе ја носи и царската државна круна.
Камила, сопругата на кралот, ќе биде крунисана со круната на кралицата Марија. Меѓутоа иако контроверзниот дијамант кох-и-нур нема да се најде на круната, сепак Камила се одлучи повторно да ја искористи круната во која некогаш беше поставен.
Огромниот дијамант беше поставен на предната страна на круната на кралицата Марија за нејзиното крунисување во 1911 година. Индија тврди дека е сопственик на скапоцениот камен од 105 карати, кој ѝ бил даден на кралицата Викторија за време на Британска Индија.
Comments