За време на „Макфест“ слабеам и по 12 килограми
24.09.2021 Septemvri Petok
Кирил Панајотов, технички директор на штипскиот фестивал
Кирил Панајотов, актуелниот технички директор на „Макфест“, кој викендов се одржа по 36-ти пат во Штип, е дел до фестивалот сите изминати години, во континуитет. Во 1986 г., на првото фестивалско издание, како и секој млад човек бил дел од атмосферата, љубопитен да види што се случува зад сцената, а веќе наредната 1987 година станува дел од сервисот за пречек на гостите. И ги минува понатаму сите позиции, па токму затоа, како што вели, фестивалот го познава во душа. И денес, за време на подготовките и одржувањето на фестивалот, тој е активен 24 часа, а поради многуте обврски и стресот, кој е негов постојан придружник, заборава и да јаде, па, како што ни откри, за тие 12 макефстовски денови слабее и по 12 килограми. Но, како што вели, за секој успех требаат жртви, а токму опстанокот на „Макфест“ до денес, за него е награда за неговиот и за ангажманот на целиот тим.
Која беше вашата прва посериозна обврска како член на тимот што го подготвуваше „Макфест“? – Бев одговорен за пречекот на пејачите од некогашна Југославија што гостуваа. Тогаш тоа беше многу важен сегмент, бидејќи претставуваше нивни прв контакт со Македонија, со Штип и со „Макфест“. Фестивалот го покриваше целиот југословенски простор и горд сум што им посакав добредојде на големите југословенски ѕвезди: Хелена Благне, првата победничка, Крунослав Киќо Слабинац, Даниел Поповиќ, Зерина Цокоја, Сеид Мемиќ Вајта, Зорица Конџа, Боба Стефановиќ, Кемал Монтено, Иво Патиера, Татјана Матејаш-Тајчи, Бисера Велетанлиќ, нашите Љупка Димитровска и Зафир Хаџиманов. Идејата беше уште при нивното симнување од авион на скопскиот аеродром да создадеме амбиент дека фестивалот е сериозна работа, па ги пречекувавме со луксузни автомобили и со срдечно добредојде. Сите беа задоволни, а некои од нив и по двапати гостуваа на фестивалот.
Паметите ли некоја анегдота од сите овие средби? – Кога кон крајот на 1990-тите ја чекав Марина Перезиќ на скопскиот аеродром, која во тоа време беше многу популарна, не знам зошто, очекував дека е многу висока. Иако и јас сум доста висок, 190 сантиметри, сепак, се подигнав на прсти за да ја видам. И одеднаш почувствував како некој ме влече за ракав. Тоа беше Марина, ситна, малечка, не повисока од 160 сантиметри. Да не ми се јавеше, немаше ни да ја забележам.
Кои беа вашите следни обврски на „Макфест“? – Кога гласаа и радиостаниците во земјава, требаше во еден ден да поминам во сите осум радија и да ги однесам гласовите во Штип. Така сите песни ги слушав по осум пати и веќе претпоставував кој ќе победи таа година. Потоа станав уредник на фестивалскиот билтен во прес-центарот, а најстресно ми беше кога бев дел од протоколот и кога ги пречекував македонските претседатели и премиери, кои доаѓаа на финалната вечер. Најчест гостин ни беше претседателот Киро Глигоров, додека беше на функција, а доаѓаше и кога веќе беше во пензија. Штипската публика го сакаше, бидејќи и тој е штипјанец. Глигоров секогаш се однесуваше многу срдечно кога ќе дојдеше на „Макфест“. Но една година се погоди да дојде и претседателот Борис Трајковски и при нивното влегување во салата се почувствува некоја разлика, па веднаш почнаа коментари кој добил поголем и посилен аплауз. Кога требаше да дојде Љубчо Георгиевски, тогашен премиер, се случи на покривот да имаме снајперисти, а над домот на културата „Ацо Шопов“ леташе хеликоптер. Се зборуваше дека имало некоја дојава за можен атентат.
Веројатно најтешки мигови за вас биле оние кога „Макфест“ го смени сопственикот? – Сите трансформации почнаа кога компанијата „Фершпед“ престана да го финансира „Макфест“. Предложив општината да го финансира, за да го зачувам. Кога фестивалот стана надлежност на локалната самоуправа, претрпе големи промени. Никој од страна, па и од дотогашниот тим, не сакаше да се ангажира, бидејќи немаше средства. Затоа си реков: Јас цел живот работев за плата, така без хонорар ќе работам и за „Макфест“. Работам едноставно затоа што го сакам фестивалот и за тој да опстане, запоставив многу други работи од личен интерес. По 24 часа сум ангажиран во последните 12 дена и слабеам исто по 12 килограми кога се подготвува фестивалот. Годинава во реализацијата многу ми помогна Трајче Јованов, во делот на односи со јавноста. Тој е исто така дел од тимот од првиот „Макфест“, како што беше и Драган Ристов, кого, за жал, ни го зеде коронавирусот.
Колку менувањето на датумите на одржување се одрази на фестивалот? – Временски имавме неколку трансформации, но најголема беше онаа кога фестивалот наместо во октомври, се одржа во јуни. Но тогаш првпат добивме помош од Министерството за култура, бидејќи „Макфест“ стана проект од национален интерес. Тогашната министерка Елизабета Канчевска-Милевска ме замоли да напишам елаборат како треба да изгледа фестивалот, кој веднаш утредента беше на нејзината работна маса. Се подготви правилник за организирање на фестивалот, по што добивме 4.000.000, износ што го сонувавме, па истата година имавме и Ревиски оркестар на сцената, со кој диригираше Љупчо Мирковски. Имаше многу реакции поради менувањето на датумот, по што фестивалот повторно се одржуваше во октомври, освен лани и годинава, кога поради пандемијата се одржа во септември на отворено.
Што посакувате да се смени на „Макфест 2022“? – Посакувам конечно да се смени екипата што го организира „Макфест“, сметајќи се тука и себеси. Веројатно со тоа фестивалот ќе добие друг квалитет, свежина, а јас конечно ќе можам да се посветам на некои други предизвици.
Која е формулата за долговечноста на фестивалот? – Тоа е лојалноста на организаторите, на пејачите и авторите, големата љубов кон фестивалот и кон штипската публика. Е, токму поради таа безусловна љубов „Макфест“ и неговите хитови ќе продолжат да живеат.
Commentaires