За 16 домаќини во трка се 22 града
ФУДБАЛ – ЗА СП 2026
По четири години откако Светската фудбалска федерација (ФИФА) ѝ ја додели организацијата на Светското првенство (СП) во 2026 година на Северна Америка, утре ќе бидат познати 16-те града во САД, Канада и во Мексико каде што ќе се игра СП 2026, на кое првпат ќе настапат 48 селекции. Во Мексико ќе се играат 10 средби, во Мексико Сити, Гвадалахара и во Монтереј. И во Канада ќе има 10 меча, во Торонто и во Ванкувер, кои се сигурни, а Едмонтон е третиот кандидат. Северноамериканскиот комитет задолжен за организацијата на СП 2026 првично предложи по три града во Мексико и во Канада и 10 во САД.
Четири града во САД од поодамна се сметаат за сигурни домаќини, а уште неколку го зацврстија тој статус во претходните неколку месеци. Според луѓе добро информирани, за сигурни се сметаат Њујорк/Њу Џерси, како фаворит за домаќин на финалниот меч, Арлингон, првично предвиден како домаќин на полуфинален меч (единствениот друг кандидат за домаќин на финалето, бидејќи стадионот има и подвижен покрив), во Атланта е еден од ретките НФЛ-стадиони на кои редовно се играа и фудбалски натпревари, и ќе биде кандидат за полуфинален меч, а Лос Анџелес со два стадиона е кандидат за премиерниот дуел на СП. Филаделфија има една од најимпресивните понуди од сите градови, а кандидат е за полуфинале. Сан Франциско има модерен стадион во умерена клима во близина на аеродром и атрактивно подрачје. За Хјустон солидната градска инфраструктура и објектот со подвижен покрив се две големи предности, а близината со Далас, па и со Монтереј, е уште еден плус. Сиетл има богата фудбалска култура и е во близина на два други кандидати за домаќини, Ванкувер и Сан Франциско. Како потенцијални можни домаќини се и Мајами, Балтимор, Канзас Сити, Бостон, Нешвил, Денвер, Орландо и Синсинати.
コメント