Жоржињо „зависен и гладен“ за повеќе трофеи
ФУДБАЛ
Жоржињо, кој си заминал од дома како тинејџер заради кариерата, вели дека бил принуден да живее со дваесетина евра неделно како млад играч во Италија. Сега, според неговиот поранешен тренер во Наполи и во Челси, Маурицио Сари, треба да ја добие „златната топка“
По летото поминато во освојување трофеи, можеби беше очекувано што Жоржињо неодамна во тренинг-кампот на Челси се вратил со сребрена коса. „Страшно“, беше забелешката на неговиот соиграч Хаким Зијеч, но тоа ја истакна безграничната самодоверба на играчот од средниот ред. Минатиот месец италијанскиот репрезентативец стана 11-от играч што триумфирал во Лигата на шампионите (ЛШ) и на Европското првенство (ЕП) во иста сезона. Потоа, во период од 74 дена забележа хет-трик, освојувајќи го со Челси и Суперкупот на УЕФА, по победата над Вилјареал во Белфаст. Победите како да му станаа „зависност“, а 29-годишниот Жоржињо вели дека е „гладен“ за повеќе трофеи.
Жоржињо, кој си заминал од дома како тинејџер заради кариерата, вели дека бил принуден да живее со дваесетина евра неделно како млад играч во Италија. Сега, според неговиот поранешен тренер во Наполи и во Челси, Маурицио Сари, треба да ја добие „златната топка“ за најдобар играч. – Мислам дека има уште многу добри играчи како него што заслужуваат да го добијат тоа признание. Но кога ќе освоите ЛШ и ЕП во иста година, тогаш сигурно го заслужувате тоа. Задоволство е да се игра со него – изјави за „Би-би-си“ неговиот соиграч од Челси, Каи Хаверц.
Изгледаше како совршен нов почеток кога Жоржињо и Сари од Наполи се преселија во Челси истиот ден пред три години. Трансферот на Жоржињо изнесуваше 57 милиони фунти (66,8 милиони евра). Навивачите го засакаа откако ја посети клупската продавница со мајка си, Марија Тереза Фреитас, која се расплака кога го забележа неговото име на дресот. Но поглавјето на Жоржињо во Челси наскоро ќе стане горко поради поврзаноста со Сари. Означен како „син на Сари“, тој беше исвиркуван од навивачите, кои се разочараа од „Сари-топка“, стилот на игра со многу додавања, но без пробивност, и од пласманот на третото место. И покрај освојувањето на Лига Европа (ЛЕ), Сари си замина по една сезона и се врати во родната Италија, во Јувентус. Жоржињо остана и требаше да го убеди новиот менаџер Франк Лампард во своите вредности. Треба да се каже дека Лампард и неговиот тренерски тим беа резервирани во поглед на способностите на играчот од средниот ред. Но Жоржињо го положи тестот на претсезонските подготовки во Даблин, летото 2019-та. Извори од клубот велат дека Лампард бил изненаден кога дознал дека Жоржињо е „двигател“ на тимот, не само во однос на она што може да го направи на теренот туку и во дружбата со соиграчите. Тој ги тешеше соиграчите кога ќе одиграа лош меч, но исто така беше доволно искрен да им каже дека сака и очекува повеќе од нив. Од таа турнеја наваму, Лампард одлучи да го гради тимот околу него, а Жоржињо „порасна“ откако Томас Тухел стана нов шеф во јануари.
Иако го исвиркуваа во Челси, Жоржињо вели дека „никогаш немал сомнежи“ за себе и работел повеќе за да ги разубеди скептиците. Тоа е пристап што му беше од помош уште од младите денови, кога растеше покрај мајка си во јужната бразилска држава Санта Катарина. Откако го покажа талентот како 13-годишник, тој се пресели во фудбалско училиште 200 км подалеку, а потоа, како 15-годишник, замина во Италија, во Верона. Тоа беше потег од соништата, но Жоржињо вели дека било „мачно“, откако морал да живее со 20 евра неделно, само да тренира и да оди на училиште. Потоа го сретнал Бразилецот, голманот Рафаел, кој му посочил дека неговиот агент не си ја врши најдобро работата. – Тој разговараше со некои луѓе и откри дека мојот агент земал пари, а јас не знаев ништо за тоа. Во тој момент сакав да се откажам. Се јавив дома со солзи и ѝ реков на мајка ми дека сакам да се вратам дома и дека повеќе не сакам да играм фудбал. Таа ми рече: „Не ни помислувај за тоа, толку си блиску до целта. Треба да останеш таму и да бидеш цврст“ – изјави Жоржињо во една пригода во 2019-та. Тоа се покажа како мудар совет од мајка му.
コメント