Жорж Веа никогаш не заигра на светско, но неговиот син ќе игра во Катар
Жорж Веа стекна планетарна слава со свите настапи во француското и италијанското фудбалско првенство, при што во 1995 година стана и првиот фудбалер од Африка кој ја освои престижната „Златна топка“ во изборот на „Франс фудбал“, а истата година беше првиот играч од истиот континет што бил прв во изборот за ФИФА Играч на годината.
Сепак, тој како граѓанин на Либерија не успеа да заигра на светските фудбалски првенства, бидејќи неговите соиграчи ги немаа неговите квалитети. Според новинарските написи, тој самиот ја финансирал репрезентацијата покривајќи ги трошоците за патувањата, купувајќи опрема и исплаќајќи бонуси за успесите.
Најблиску до остварување на сонот биле во 2001 година, кога за еден бод не успеале да се квалификуваат за мундијалот во Јужна Кореја и Јапонија (2002). Во пресрет на „Мундијалот“ во 2014 година, англискиот „Гардијан“ го вброи меѓу шесте најдобри фудбалери на светот кои не стигнале до ваков настап, а американскиот „Лос Анѓелес Тајмс“ во слична анализа го смести меѓу 10 великани на фудбалската игра без настап на светско првенство.
Жорж Веа играше за Либерија додека не стана претседател на оваа земја, па се повлече на 51-годишна возраст настапувајќи на пријателски меч со Нигерија во 2018 година.
Неговиот сон за настап на светско првенство ќе го оствари неговиот син Тимоти Веа, кој од 2019 година го носи дресот на францускиот клуб Лил, притоа освојувајќи ја титулата во Лига 1 во 2020/21 година. Тимоти е роден во Соединетите Американски Држави и настапувал за младинските селекции на оваа земја, а од 2018 година во 25 наврати го облекол дресот на најдобрата селекција.
Comments