Живееме во бурно време, спортските активности се најдобра превентива
29.09.2021 Septemvri Sreda
ЕВРОПСКА НЕДЕЛА НА СПОРТОТ
За седмото издание на Европската недела на спортот, која се одржува до утре, централна тема е моќта на физичката активност да донесе радост, да создаде издржливост и да ги поврзе генерациите. Официјалното отворање на Европската недела на спортот за 2021 година беше на езерото Блед, во Словенија. Слоганот е „Бидете активни не само една недела туку цела година“. Без оглед на тоа што сме и што правиме, дури и малото зголемувања на редовната физичка активност може долгорочното да има големо влијание врз здравјето. Неделата е дизајнирана за да им даде на луѓето во светот отскочна штица за да бидат активни.
ПРЕВЕНЦИЈА ОД БОЛЕСТИ, ПОДОБАР СОЦИЈАЛЕН ЖИВОТ…
– Спортот и рекреацијата имаат суперпревентинвно дејство против кардиоваскуларните болести, го намалуваат нивото на шеќерот и на маснотиите. Исто така, го подобрува и социјалниот живот, особено во моментната ситуација, во услови на пандемија на ковид-19. Препорачливо е сите да издвојат дел од своето време за рекреација, затоа што живееме во бурно време, во справување со секојдневни проблеми што ни ја трујат душата. Спортските активности се најдобар лек за депресивните состојби и го подобруваат психосоцијалниот живот – изјави д-р Илија Стоилов, специјалист по спортска медицина. Европската недела на спортот во минатите години помогна во справувањето со физичката неактивност, поттикнувајќи ги Европејците да прифатат здрав и активен животен стил. Европската недела на спортот, која почна во 2015 година, беше создадена за да одговори на влошувањето на кризата поврзана со неактивноста. Спортот и физичката активност значително придонесуваат за благосостојбата на европските граѓани, но нивото на физичка активност моментно стагнира, па дури и опаѓа во некои земји. Ова е и причината зошто постои Европската недела на спортот, за издигање на свеста за тоа колку е важен активниот начин на живот за секого. – Кај нас, освен активните спортисти, кои се редовни, сѐ поголема е и бројката на рекреативци, од оние што се занимаваат со фитнес, велосипедизам, планинарење, трчање во природа, куглање и друго, кои доаѓаат на прегледи. Ги има над 1.000 годишно, на различна возраст, и од мое искуство, можам да кажам дека често се во подобра физичка кондиција од некои од активните спортисти. Од година на година има сѐ повеќе рекреативци, што говори дека се зголемува бројката на оние што водат здрав живот – вели Соња Алексовска, специјалистка по спортска медицина од Службата за превенција и здравствени услуги на спортисти при ЈЗУ Здравствен дом – Скопје. Во Македонија, Европската недела на спортот, насловена „Биди активен“, има за цел развој на спортот и активно вклучување на сите граѓани, како и промовирање и унапредување на начините за водење здрав живот на секој поединец. – Во рамките на Европската недела на спортот, во Македонија е опфатена целата популација, од најрана возраст, од седум до 77 години, во над 70 општини, со голем број ученици и наставници организирани преку Федерацијата за училиштен спорт. Одзивот е одличен, веќе продефилираа неколку илјади учесници преку разни рекреативни активности, од скокање со јаже, пливање, веслање, до баскет 3х3, планинарење итн. Активностите се одвиваат координирано на повеќе локации и градови низ Македонија, а завршната манифестација „Те предизвикувам да бидеш активен“ е планирана за четврток попладне, во Охрид. Нашата главна цел е да ги поттикнеме спортскиот дух и занимавањето со спорт како битен сегмент за здравјето на луѓето. По Европската недела, ќе следуваат нови активност насочени пред сѐ кон родовата еднаквост во спортот во сите школи низ Македонија – вели координаторката на оваа манифестација при Агенцијата за млади и спорт, Александра Дичевска.
СПОРТОТ Е МНОГУ БИТЕН ЗА СЕКОЕ ОПШТЕСТВО
Иако децата се сѐ поактивни, следејќи го примерот и на македонските спортски идоли, тоа, според многумина, не е доволно. Стручњаците велат дека родителите треба да бидат пример, постојано, а потребата од физичко воспитание и воопшто од физичка активност е, веројатно, уште поголема откако пандемијата минатата година го запре светот. Активноста помага во спречувањето болести, а телото правилно се развива и се одржува. Според препораките на стручњаците, физичката активност е потребна, но задолжително со совети од стручни лица. Спортската активност не мора да значи силна физичка напрегнатост, туку едноставно раздвижување на телото со пешачење, трчање, возење велосипед… – Спортот има две компоненти, едната е натпреварувачка, а другата е рекреативна, која и не е обврзувачка, но е мошне битна за здравјето на луѓето. Натпреварувачката сега е помалку застапена поради ограничувањето со ковид-19, правењето ПЦР-тестови, кои секако не се евтини, а сето тоа дејствува негативно на спортот. Рекреативниот спорт, пак, придонесува за зближување меѓу луѓето, а и преку него луѓето најмногу можат да другаруваат. Да спортуваш, значи организмот да ти е здрав. Но многу луѓе најчесто тоа го прават откако ќе се здебелат. Спортот, во секој случај, е многу битен за секое општество, оти со спортување се создава здрав народ, и затоа оваа идеја за Европска недела на спортот треба да се поддржи и во иднина. Во таа насока, треба да се организираат многу рекреативни активности, како на пример пешачење, излети, возење велосипед, организирање некоја веслачка регата и други слични спортски манифестации. Но кај нас многу работи само формално се прават, а тоа е она што не е добро. Во овој дел на организација немаме некој посебен систем, кој, пак, систем и ќе произведува такви масовни спортски настани каде што секој, од мал до голем, со задоволство би учествувал. Токму затоа на ова поле треба многу повеќе да се работи во иднина отколку досега – вели Мирче Јанушевски, искусниот карате-тренер на Металург. Македонија на спортски план, кога станува збор и за рекреативниот спорт, заостанува зад поразвиените и побогати земји, кои издвојуваат многу пари за оваа намена, градат нови објекти и постојано ја подобруваат инфраструктурата. Во изреката каков е спортот, таква е состојбата на нацијата и на државата има многу вистина. Европската недела на спортот ќе придонесе и за развој на спортот во смисла на активно вклучување на граѓаните, индивидуално и институционално унапредување и промовирање на стиловите за водење грижа за здрав живот на секој поединец. Спроведувањето на овој проект во Македонија ќе овозможи квалитетни активности, кои, пак, создаваат вредност и одржливи резултати и ќе ја продолжат пораката да се биде спортски активен, а со тоа и поздрав. Л.Д.; Г.И.
Национална програма за физички активна нација за 2022 година
На Блед, на отворањето на Европската недела на спортот, присуствуваше и Силвија Митевска, советничката на претседателот на Владата на Македонија, која учествуваше и на серија настани организирани во рамките на претседателството на Словенија со ЕУ, на тема спорт и рекреација. – Покрај спортските настани, на Блед се одржа и конференција на тема „Физичка писменост и доживотна физичка активност“, чија цел беше промовирање на спортот и рекреацијата како клучен фактор за унапредување на физичкото и менталното здравје кај граѓаните. Добрите практики од развиените земји по однос на интеграцијата на спортот како превенција на јавното здравје ќе бидат интегрирани во новата национална програма за физички активна нација за 2022 година, креирана од кабинетот на претседателот на Владата – вели Митевска.
Преку рекреација до поздрава нација
Под поимот рекреација во поширока смисла главно се подразбира физичка активност во слободното време, која придонесува за подобрување на општата состојба на луѓето и за обнова на душата и на телото. Рекреацијата ги опфаќа сите возрасни категории, може да се практикува во сите временски периоди, а интензитетот и видот зависат од многу фактори, пред сѐ од општата здравствена состојба, од желбите и афинитетите, јасно и од финансиите со оглед на тоа дека последниве години и децении сѐ повеќе луѓе практикуваат рекреативни активности, за кои се потребни време и пари. Македонија во овој рекреативен дел каска зад најразвиените земји, како според парите што се издвојуваат за оваа намена, така и според инфраструктурата. Но мора да се признае дека вкупната инфраструктура наменета за рекреативците последниве години драстично е подобрена, иако има уште многу работи што треба да се поправаат.
ГОРАН НИКОВСКИ, ПРОФЕСОР ПО РЕКРЕАЦИЈА Навиката за вежбање се стекнува од најрана возраст
Не треба посебно да се потенцира занимавањето со спорт, со рекреација, оти движењето во природа е добро за здравјето. Навиката за вежбање и за занимавање со спорт се стекнува од најрана возраст, потоа многу потешко се фаќа приклучок. Затоа целна група е детската популација, кај која сакаме да ја зголемиме свеста и капацитетите за учество во рекреативните активности. Преку Националната федерација спорт за сите во мај годинава организиравме „Недела на движење“, во која беа опфатени многу деца од училишна возраст, а минатите денови активно сме вклучени и во Европската недела на спортот, со голем број активности на многу локации. Инаку, според моето искуство и сознанија, вкупниот број на рекреативци во Скопје не оди по нагорна линија во последните дваесетина години. Редовно, секој викенд одам на Водно и гледам малку луѓе што пешачат, што се рекреираат и престојуваат во природа. Нешто подобра е ситуацијата со велосипедистите, убава е и глетката на кејот на Вардар, каде што доста млади и повозрасни трчаат и вежбаат, но мислам дека сето тоа е недоволно и оти многу повеќе ги има тие што не се рекреираат и физички се неактивни – вели Горан Никовски, професор по рекреација на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје во Скопје. Л.Д.; Г.И.
Comments