„Жените и фотографијата“ – изложба во Куманово
„Жените и фотографијата“ е насловена изложбата којашто ќе биде отворена вечерва, со почеток во 19 часот во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, соопштија организаторите од Фото клуб Куманово. Изложбата се организира по деветти пат во чест на Меѓународниот ден на жената – 8 Март.
-Посетителите ќе имаат можност да разгледаат дела на истакнати имиња од фотографската фела како и дела на ученички од локалните училишта. Ова е убава можност двете категории на учеснички да ги „одмерат“ силите преку фотографии кои ја слават жената, изјави претседателката на клубот, Марина Атанасовиќ.
На овогодишната изложба покрај познати фотографски имиња ќе се најдат и имиња на ученички од локалните училишта, кои беа дел од проектот „Жените во уметноста денес“ преку кој се организираа предавање за основи во уметничка фотографија и предавања од истакнати женски индивидуи од светот на уметноста (актерки, фотографки, сликарки).
На изложбата застапени се две теми. Ставен е акцент на жената – нејзината појава и улоги во еден организиран визуелен облик кој заслужува внимание, и слободна тема како простор за интерпретација на светот околу себе виден преку објективот на жените авторки.
Comments