Жежовска победи, Манова и Петровска ремизираа
ПОЕДИНЕЧНО ЕП ЗА ШАХИСТКИ
Македонските шахистки Ивана Манова (1.923 рејтинг-поени, рангирана 115-та пред почетокот на турнирот), Катерина Петровска (1.907, 117-та) и Моника Жежовска (1.761, 126-та) освоија вкупно два поена со црни фигури во второто коло на 23-то Европско поединечно првенство (ЕП) во Петровац (Црна Гора). Охрабрува тоа што поените се освоени во дуели со противнички што имаа вкупно 658 поени повисок рејтинг од македонските шахистки. Поединечно голема победа во сицилијанска одбрана по 55 потег, откако се закани со промоција на кралица на ц-линијата, оствари младата и надежна 15-годишна Жежовска, која ја совлада Азербејџанката Нармин Абдинова (2.090, рангирана 96-та, 39 места повисок стартен ранг), за што македонската репрезентативка освои и 33,2 нови рејтинг-поени. Манова (22) ремизира (по 41 потег во пешачка завршница со по еден топ) со ЖФМ од Хрватска Тихана Ивековиќ (2.132, 80-та, 64 места повисок стартен ранг). Петровска (39) го подели поенот (по 49-от потег во позиција на по еден пешак и топ), откако претходно во 33-от потег испушти победа против ЖИМ од Словенија, Ивана Хрешчак (2.127, 82-та, 39 места повисок стартен ранг). И во третото коло македонските шахистки ќе бидат пред нов предизвик, оти сите ривалки имаат поголем играчки рејтинг. По две кола (се играат вкупно 11) дури 19 шахистки имаат по две победи, меѓу кои е и актуелната шампионка од 2022 година, Моника Сочко (2.432) од Полска, но ги нема прворангираните пет. ВМ од Грузија, Бела Котенашвили (2.491, рангирана прва), трикратната европска шампионка, ВМ од Русија Валентина Гунина (2.479), и двократната европска првенка, Украинката Наталија Жукова (2.322), имаат по 1,5 поен, а светската првенка (2004/2006), Бугарката Антоанета Стефанова (2.433) еден поен. На ЕП 2023 настапуваат вкупно 136 шахистки (шест ВМ, 15 ЖВМ, 33 ИМ, 22 ЖИМ, шест ФМ, 25 ЖФМ) од 35 држави. Просечниот рејтинг е 2.153 поени, наградниот фонд изнесува 60.000 евра, а победничката ќе добие 20.000 евра. Првите девет шахисти ќе се квалификуваат за настап на Светското првенство годинава. Г.И.
コメント