top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Жарко Башески: Важно е да се разбере пораката на скулптурите, а не одушевеноста да е само од изведба

За големиот интерес во светот за творештвото на еминентниот македонски вајар Жарко Башевски, зборуваат и претставувања на неговите дела во престижните светски галерии во Брисел и Милано… Неговата самостојна изложба, пак, од утре е поставена во Националната галерија во Приштина. За своите хиперреалистични скулптури во кои „застрашувачки“ прецизно и реално ги претставува изразот на емоциите на лицето, ставот на телото, деталите, во разговорот за весникот ВЕЧЕР уметникот вели „Само така, и на тој начин можам да ги претставам моите размислувања за одредени состојби, како човечки така и општествено- социјални и се што не окупира и оптоварува“

Македонскиот уметник и професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, Жарко Башески е еден од најценетите хиперреалисти во светот, со специфичен фокус на човечкото тело. За големиот интерес за неговото творештво, зборуваат и бројните претставувања во престижните светски галерии. Две негови дела во моментов се поставени во Кралската палата во Милано, негова скулптура е дел од изложбата на хиперреалистични скулптури во Брисел, а од денес тој има своја самостојна изложба во Националната галерија во Приштина, Косово, каде што се претставува со шест дела

Размислувања за состојбата на човештвото во услови на пандемија

Токму пандемијата на подолг период ги имаше затворено галериите во светски рамки, но и уметниците во нивните ателјеа, па тој период за многумина од нив беше повеќе од плоден. Со сите мерки на претпазливост, сега галериите ги претставуваат делата на авторите од цел свет.

„Со оглед на состојбата со светската пандемија и неможноста да се реализираат голем број на изложби, јас бев претставен на неколку места низ европските градови. За Кралската палата во Милано можам да кажам дека е еден од најинтересните простори каде што сум изложувал до сега, али не поради големината или неговата поставеност, туку поради фактот што до сега во тој простор не се одржувале изложби од современ карактер, туку бил резервиран за класична (барок, ренесансна ) уметност“, истакнува Башески.

Скулптурите на Башески се толку реалистични што никого не оставаат рамнодушни со оглед дека „застрашувачки“ прецизно и реално ги претставува изразот на емоциите на лицето, ставот на телото, деталите…

„Само така, и на тој начин можам да ги претставам моите размислувања за одредени состојби, како човечки така и опшествено-социјални и сè што не окупира и оптоварува. Исто така морам да кажам дека јас и не се сметам за типичен претставник на хиперреализмот затоа што мојот начин на изработка на делата се разликува во голем дел од познатата претстава за тој правец“, посочува Башески.

Крајната цел е делото да биде правило разбрано

Тој додава дека речиси секогаш реакциите на гледачите се исти, така што за него „поважно е дали публиката ќе ја прочита неговата мисла или порака, а не одушевеноста да е само од изведбата на делото“.

„Не секогаш се постигнува реализацијата на делото во потполност да го објасни саканиот концепт или идеја“, додава еминентниот македонски вајар и истакнува „Изложбата во Милано се случи во момент на светска пандемија, а беше иницирана токму од состојбите во сите делови од светот и нејзините влијанија врз целото население во светот. Во “Корпус Домини” е опфатен аспектот на физичкото и менталното како факт на деструктивност и распаѓање на се што е човечко. Во овој проект се поканети автори од неколку ликовни правци и направен е обид за дијалог помеѓу концептуалното и фигуративноста (реализам). Првпат на едно место се среќаваат два, навидум, спротивставени гледања на една иста проблематика. И чинам дека дијалогот беше евидентен помеѓу авторите и методите и нивно изразување. Сè се случи на покана од кураторски тим од Италија (Милано) на чело со почитуваната историчарка на уметноста Франческа Алфано Миљиети и нејзиниот тим“, објаснува за весникот ВЕЧЕР, Жарко Башески, кој во Милано на интернационалната концептуална изложба „Корпус Домини “ што ќе трае до 30 јануари 2022 се претставува со две скулптури „Вон…“ и „Автопортрет 1“. На изложбата во Брисел неговото творештво е претставено со една од неговите најпознати скулптури „Обичен човек/Ordinary Man“. Претходно оваа скулптура беше дел од изложбата во музејот Ла Бовери во Лиж, Белгија, а истото дело ќе биде изложено и во Лион, Париз и Милано.


Го запрашавме уметникот што е всушност негов најголем предизвик во уметноста.

„Моите предизвици, мислам дека ги остварувам во континуитет, а крајната цел ми е да бидам правилно разбран и моите дела да го добијат вистинскиот третман на било кое место или во било која галерија во светот“, истакнува Башески кој е воедно и професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.

Колку тој влијае самите студенти да истраат и бидат успешни во она што го работат, Башески вели: „Постојат размислувања и разговори во насока на индивидуални афинитети од секој студент посебно. Јас не практикувам да се наметнувам или протежирам мој начин на работа и се обидувам да им помогнам да се реализираат во нивното гледање и доживување на делото или задачата што ја работат во дадениот момент. А кој како ќе се развие тоа е индивидуално и зависи од многу фактори и можности на секој посебно“.

Тој минатиот месец ја започна и својата прва дигитална NFT аукција (незаменливи -виртуелни токени). Неговата скулптура „Обичен човек“, кое важи за една од неговите најпознати дела беше ставено на аукција преку најголемата платформа за NFT уметност – „Opensea.io“.

Самостојна изложба на Башески во Националната галерија на Косово

„Интересот на уметничката дејност на Башески е свртен кон човекот, оттаму произлегува и интересот за хиперреалистичниот пристап во оформувањето на концептот на неговите дела, кои во теоретската проекција го надминуваат и хиперреализмот, зборувајќи за животот и светот во кој што живееме . Жарко Башески жестоко ги коментира рецентните општествени, политички и културни превирања, како на локално така и на глобално ниво… “, се вели во најавата на самостојната изложба на Жарко Башевски во Националната галерија во Приштина, Косово, на која од утре до 12 декември тој се претставува со шест нови скулптури од актуелниот циклус “Reflection“. Се работи за скулптурите „Безнадежност“, „Отменост“, „Одвојте еден момент“, „Само-јадење“, „Нуркање во минатото“ и „Издржување“.. . “Фокусот е ставен на нови и актуелни моменти од рецентниот историски контекст на денешнината.

Човекот како и досега е во центарот на интересот на Башески, но во овој циклус на скулптури човекот примарно е соочен со себеси, а секундарно со реминисценциите на општествените случувања и окружувањето, погледот и влијанието на „другиот“ што примарно го довеле до состојбата и ситуацијата во која се наоѓа“, вели меѓу другото Горанчо Ѓорѓиевски, кураторот на изложбата во Приштина, која е резултат на соработката на македонската и косовската Национална галерија.

„Сите кои ќе бидат присутни на овој настан ќе имаат можност да добијат директни информации и за тоа како се доживеани и примени моите нови дела“, вели Башески. (Д.Т.)







1 view

Comments


bottom of page