Ејсап Роки откри дека Ријана повторно снима — по речиси една деценија се подготвува нов албум?
- Aleksandar Santovski
- Aug 6
- 2 min read
06.08.2026 Avgust Cetvrtok
Обожавателите на Ријана конечно добија причина за возбуда. Нејзиниот партнер, раперот Ејсап Роки, откри дека светската музичка ѕвезда повторно е во студио и работи на нова музика, што би можело да значи дека долгоочекуваниот албум конечно е на повидок.
Во интервју за „Џејсон Ли шоу“, објавено на 5 август, 37-годишниот рапер ги демантираше шегите дека токму нивната врска, семејниот живот и бројните деловни ангажмани на Ријана се причината што таа речиси десет години нема објавено студиски албум.„Не. Таа сега е во студио. Да, го кажав тоа. Извини, душо“, рече Ејсап Роки.
Потоа додаде:„Работи. Навистина работи. Леле, ќе западнам во неволја поради ова.“
Последниот студиски албум на Ријана, „ANTI“, беше објавен во 2016 година и стана еден од најуспешните во нејзината кариера. Албумот две недели беше на првото место на листата „Билборд 200“, а донесе хитови како „Work“, „Needed Me“ и „Love on the Brain“.
Иако оттогаш нема издадено нов албум, Ријана не се повлече од јавноста. Во 2023 година се врати на сцената со настапот на полувремето на Супербоул, каде што ги изведе своите најголеми хитови, а истовремено откри дека е бремена со второто дете.
Покрај музиката, таа успешно ги развива брендовите Фенти бјути и Севиџ Икс Фенти, а во меѓувреме стана и мајка на три деца. Со Ејсап Роки ги има синовите Риза, роден во 2022 година, и Рајот, роден во 2023 година, како и ќерката Роки, која се роди во 2025 година.
Иако албумот сè уште не е најавен, Ријана изминативе години повремено објавуваше нова музика. Во 2022 година ја сними песната „Lift Me Up“ за филмот „Црниот пантер: Ваканда засекогаш“ (Black Panther: Wakanda Forever), која беше номинирана за Оскар, а во 2025 година ја објави „Friend of Mine“, дел од саундтракот за филмот „Штрумпфовите“ (The Smurfs).
Самата пејачка неодамна навести дека повторно е посветена на музиката. Во видео објавено на социјалните мрежи откри дека по секојдневните обврски заминува во студио.„По ова морам во студио. А потоа треба да му направам костим за Марди Гра на син ми… Најдолгиот ден досега“, изјави таа.
Последен пат Ријана настапи во јули, кога му се придружи на Џеј-Зи на концерт на стадионот „Јенки“ во Њујорк, изведувајќи ги хитовите „Run This Town“ и „Bitch Better Have My Money“.







Comments