top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

ЕУФЦН: Манчевски ја направи Прилепската област – „библиска“

11.12.2020 Декември Петок

„Локациите се апсолутно ликови во приказната. Тоа е случај во сите филмови на Милчо Манчевски. Постојат два вида динамика со тоа како публиката ја перципира употребата на локации во неговите филмови: Македонската публика се гордее со своите филмови и ги перципира дури и како дел од градењето на нацијата“, вели продуцентот Јане Ќортошев

„Речиси напуштената висорамнина Мариово некогаш вревеше со живот. Напуштените камени куќи се сè што преостанува во повеќе од дваесетина села во Мариово, напуштени во 60-тите и 70-тите години од минатиот век. Вулканската карпа го расекува пејзажот со груб, графички квалитет, опишан од режисерот Милчо Манчевски, кој ја направи областа меѓународно позната речиси ‘библиска’ благодарение на неговите филмови ‘Пред дождот’, ‘Прашина’, ‘Мајки’ и последниот ‘Врба’“, пишува на сајтот на Европската мрежа на филмски комисии (ЕУФЦН).

Токму филмот “Врба“ на Милчо Манчевски со Мариово и Трескавец во Прилепската област е меѓу петте финалисти за наградата Најдобра филмска локација во Европа и тоа во конкуренција на 28 земји.

Локацијата е доставена од Агенцијата за филм на Северна Македонија, а според продуцентот Јане Ќортошев пејзажот околу градот Прилеп има витална улога во долгометражниот филм на Манчевски “Врба“, приказна за љубовта, довербата и мајчинството низ вековите.

„Локациите се апсолутно ликови во приказната. Тоа е случај во сите филмови на Милчо Манчевски. Постојат два вида динамика со тоа како публиката ја перципира употребата на локации во неговите филмови: Македонската публика се гордее со своите филмови и ги перципира дури и како дел од градењето на нацијата. Странската публика ги гледа филмовите на Манчевски – и локациите – и како претстава на оваа мала земја, но и како нешто универзално“, вели Ќортошев.

Тој додава дека на приказната за Врба ѝ беше потребен огромниот простор што го нудат Мариово и Трескавец.

„Требаше да видиме поинаква реалност од модерната реалност што ја живееме, каде сè е преполно и мало. На овие локации им се спротивстави урбаниот современ амбиент на втората половина на филмот. Сакавме гледачот да се почувствува одвоен од светот преку овие пејзажи кои што не завршуваат…“, објаснува Ќортошев.

Локациите не само што додаваат вредност на визијата на режисерот, туку се и суштински дел од приказната. Глетката на врба симболично ги поврзува трите приказни од филмот.

„Во текот на филмот, локациите директно и помагаат на богатата симболика – на пример, суво скршено дрво што се гледа низ прозорец, самиот неплоден пејзаж со неговите црни и сиви вулкански карпи, дупки во карпата направени од векови…

Изборот да се снима во областа околу Прилеп бил лесен, бидејќи како што вели Ќортошев, Манчевски пораснал во Македонија, место кое го нарекува дом. Тој додава и дека снимањето на врвовите на планините и карпестата почва бил предизвик за екипата која работела на “Врба“.

„За една сцена на врвот на планината Трескавец, скоро целиот екипаж бркаше овци и кози на планинскиот врв. Во друга сцена, еден пар силни волови ги бркаа двајцата главни актери… “.

Во секој случај елегантниот камен мост во Зович, камените куќи во Штавица и отворените карпести предели на Мариово и Трескавец му помогнаа на филмот „Врба“ за поголем ефект.

Филмот на Милчо Манчевски е и кандидат на Македонија за најдобар меѓународен игран филм на 93. Оскари.

За наградата Најдобра филмска локација во Европа останатите финалисти се: Банска Штјавница од словачкиот филм „Дракула“, Езерото Резија близу Курон од италијанскиот филм „Курон“, замокот Моритсбург од германскиот филм „Ангелите на Чарли“, црквата Пажаисли и манастирскиот комплекс околу неа во Литванија од филмот „Катерина Велика“.

Наградата на победникот ќе му биде врачена во февруари на Берлинале.




2 views

Comments


bottom of page