ЕУ-грант од 2,1 милион евра за 20 европски сали, меѓу кои и МКЦ
– Целта на Liveurope мрежата е збогатување на програмата во концертните сали со европски артисти, поголема размена на програма и поголема соработка и вмрежување меѓу европските концертни сали – вели за весникот ВЕЧЕР Владица Младеновски-Грга, продуцент во МКЦ
ЕУ-грант од 2,1 милион евра е доделен на 20 европски музички сали, меѓу кои е и Младинскиот културен центар од Скопје, а како дел од платформата Liveurope. Како што истакнуваат од МКЦ, средствата ќе бидат искористени за поддршка на млади европски музички изведувачи преку Liveurope мрежата, а грантот ќе ѝ овозможи на Liveurope да продолжи со зајакнување на циркулацијата на нови европски таленти во следните три години.
– Целта на оваа мрежа е збогатување на програмата во концертните сали со европски артисти, поголема размена на програма и поголема соработка и вмрежување меѓу европските концертни сали. Бенефитот од членството е финансиски бонуси за секој ENNA- артист кој настапува во некоја од концертните сали во мрежата. ENNA значи EUROPEAN NON NATIONAL ARTIST, кој работи не повеќе од седум години и кој има издадено најмногу три студиски албуми. Значи, секој бенд што влегува во оваа категорија и е од Европа (без Англија, Русија, Турција) и е селектиран и настапува во Liveurope салите, предвиден е финансиски бонус за членот на Liveurope за олеснување и стимулирање при селекција на нови европски таленти, музички артисти и бендови кои не се многу познати и, најверојатно, не би привлекле големо внимание кај публиката – изјавува за весникот ВЕЧЕР Владица Младеновски-Грга, продуцент во МКЦ.
Како што додава тој, максималниот број бонуси е 50 годишно, а најмалата бројка што треба да се достигне е 20 концерти на ENNA-артисти годишно.
– Значи, средствата што ќе ги добие МКЦ се во висина од бројот на организирани концерти на ENNA-артисти кои ги исполнуваат критериумите што ги предвидува Liveurope. Ние досега оваа година имаме организирано 15-ина концерти под покровителство на Liveurope, а целта е да стигнеме до максималниот број од дозволени ENNA-артисти, и тоа е бројката од 50 артисти – вели Младеновски.
Тој додава дека македонските изведувачи веќе имаат бенефит од оваа платформа, па така, на пример, Дина Јашари настапила во Мочвара, Загреб и А38 Будимпешта, а на 8 јули има закажано концерт во Кино Шишка Љубљана.
– Музичката група „21 век“, исто така, настапи во Загреб, Љубљана и во Будимпешта со поддршка на Liveurope, а и скопската постпанк четворка „You“ имаше концерт во А38 Будимпешта, како предгрупа на легендарните „Black Lips“. Со оваа соработка помеѓу Liveurope членките се олеснува и гостувањето на македонските млади изведувачи да настапaт во некoја од 20-те концертни сали ширум Eвропа – истакнува Младеновски.
Во 2022 година, Liveurope влегла во нова фаза со годишно зголемување на буџетот од 40% (од 500.000 евра во 2021 година на 700.000 евра во 2024 година) и со вклучување на пет нови концертни сали (од 15 на 20 полноправни членови). Со вкупен грант од 2,1 милион евра за три години, платформата има цел да игра активна улога во тековното закрепнување на музичкиот сектор по пандемијата. Тоа ќе овозможи поголем број музички изведувачи да настапуваат низ Европа и концертните сали да ѝ презентираат повеќе европска музичка разновидност на својата публика.
Инаку, МКЦ е единствената концертна сала што не е дел од Европската Унија, а е полноправен член на платформата Liveurope од 2022 година. Сите членови на Liveurope се култни места во своите региони, како и високо професионални инфраструктури. Како придружна членка, МКЦ Скопје добива директен пристап до мрежа на врвни музички професионалци за размена на добра практика и заеднички уметнички откритија, со што се засилува позицијата на меѓународната музичка сцена.
Основана во 2014 година од Европската Унија, Liveurope оттогаш поддржала преку 2.900 концерти на млади европски изведувачи.
– Мислам дека музичкиот бизнис во моментов може да ја искористи сета поддршка што може да ја добие. Особено млади уметници во подем! Мојот детски сон беше да настапувам на меѓународно ниво. Благодарение на Liveurope, имав привилегија да можам да го остварам тоа. Навистина почнав да ја ценам Европа преку музиката и културата – истакна фронтменот на „The Haunted Youth“, Јоаким Либенс.
Како организација од членови, која обединува меѓународни концертни места низ цела Европа, Liveurope платформата е координирана од „Ancienne Belgique“, позната и популарна концертна сала лоцирана во срцето на Европа, Брисел.
– Liveurope го покажува патот напред во прекуграничната циркулација на новите таленти во Европа. Ја истакнува моќта на концертните места како средства за промовирање на додадената вредност на Европа во животите на луѓето. Се надеваме дека ќе можеме да ја отвориме платформата за уште повеќе концертни сали во иднина за да продолжиме да го засилуваме нашето влијание – вели, пак, Том Бонте, генерален директор на „Ancienne Belgique“.
Liveurope, исто така, воведува и нови приоритети и активности за дополнително зајакнување на своето влијание врз секторот и промоција на европската различност. Платформата активно ќе се вклучи на итни општествени теми како што се екологијата и родовата еднаквост, поттикнување на прекуграничните дискусии меѓу членовите и изнаоѓање конкретни алатки за справување со овие прашања. Liveurope e кофинансирана од Креативна Европа, програма на Европската Унија. (Н.И.Т.)
Bình luận