Ериксен би можел да игра во Премиер-лигата?
01.11.2021 Noemvri Ponedelnik
ФУДБАЛ
Данецот Кристијан Ериксен, фудбалерот од средниот ред на Интер, би можел да ја продолжи кариерата во Англија, во Премиер-лигата, доколку ја помине процената од спортски кардиолог што дејствува во име на Фудбалската асоцијација (ФА). Ериксен (29) не игра откако доживеа срцев удар на мечот Данска – Финска во Копенхаген, на 12 јуни годинава, на отворањето на Европското првенство (ЕП). Шест дена подоцна, на поранешниот играч од средниот ред на Тотенхем му беше вграден кардиовертер-дефибрилатор, еден вид пејсмејкер, што го спречува да игра во Италија, каде што спортистите не смеат да се натпреваруваат со вграден срцев дефибрилатор, според протоколот од 2017 година.
– Што се однесува до играњето на Ериксен во Англија, невозможно е да се коментираат индивидуални околности без знаење за неговата состојба и за ризиците поврзани со тоа. Секоја процена би била на индивидуална основа – изјави портпаролот на ФА. Во Англија, секој играч што развива срцев проблем мора да биде проценет од спортски кардиолог. – ФА нема да му забрани некому да игра поради срцевите наоди. Ризикот е на играчот, не на другите на теренот, така што тоа е индивидуална одлука, која играчот ја носи со поддршка и совет од оние што се одговорни за неговата лична медицинска благосостојба. Во Италија постои долгогодишна политика за кардиолошки скрининг на национално ниво, која се однесува на сите спортисти и не дозволува учество во случај на зголемен ризик од ненадеен срцев удар за време на вежбањето. Ова не е усвоено во други земји, вклучувајќи и во Велика Британија – велат од ФА.
Comments