top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„Енергични луѓе“ в сабота премиера на Охридскиот театар

Охридскиот театар в сабота, на 14 мај премиерно ќе ја изведе претставата „Енергични луѓе“ по текст на Василиј Шукшин, а во режија на Александар Ивановски.

Главната улога на Аристарх ја игра актерот Никола Тодороски, неговата сопруга Вера Сергеевна е Биљана Билаловиќ Вељаноска, во улога на Ќелавиот е Горан Стојаноски, Дебелиот го игра Стрезо Стаматовски, Нослестиот е Павел Маслов, а Адријана Билаловиќ Тодороска ја игра Соња.

Шестчлената актерска екипа, режисерот, костимографот и сценографот денеска на прес-конференција кажаа детали околу претставата и ја повикаа публиката да ужива во речиси двочасовната изведба во центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид.

За режисерот Ивановски, „Енергични луѓе“ е прва претстава во Охридскиот театар. Наишол на, како што рече, извонредно професионален и тополн однос од актерите, а очекува таква комуникација и блискост и со охридската публика.

– Претставата ќе биде театарска авантура, голем излет во непознат терен. Ликовите имаат трескавична енергија која ја разнесуваат скоро два часа по сцената, меѓу нив и кон публиката. Ова е еден театарски ураган, на кој ја повикувам публиката да му даде простор да ја однесе заедно со себе. Шестмината актери ја понесуваат публиката во едни простори каде се можни многу работи, пресврти и изненадувања. Тоа е едно големо изненадување на Охридскиот театар што има една таква подлога и моќ да понесе многу нешта многу високо. Текстот носи една иронија, цинизам, начин на гледање на реалноста, малку изместено од руските 70-ти години од минатиот век, истакна Ивановски.

Актерот Стрезо Стаматовски, забележа дека имале еден процес каде практично улогите се доближуваат до актерите, а не обратно.

– Така добро се склопија кастинзите и испадна една одлична актерска претстава, хипер енергична, која мислам дека ќе биде гледана и долговечна на репертоарот на Охридскиот театар. Го играм ликот на дебелиот и тоа е лик, кој го има вториот по голеина стомак во претставата, истакна Стаматовски.

Главниот женски лик, односно актерката Биљана Билаловиќ Вељаноска откри дека во животот на тие енергични луѓе преовладува едно секојдневие, кое се прекинува нагло заради тоа што Вера наоѓа писменце од непозната жена во џебот на нејзиниот сопруг, кое решава да го даде на јавен обвинител и секој е засегнат од проблемот…

За актерот Горан Стојановски „Енергични луѓе“, е убаво склопена, динамична претстава, која се надева дека ќе остане подолго на репертоарот на Охридскиот театар и, како што нагласи, луѓето ќе дојдат ќе се смеат и ќе добијат една фина квалитетна порака од одредени важни општествени моменти.

За костимите се погрижи Невена Тасева Петрович, која рече дека се трудела максимално да ја дополни убедливоста на ликовите.

– Мислам дека во тоа успеавме сите заедно. Навраќањето во 70-тите се чуствува и ќе биде забавно за публиката, заклучи Тасева Петровиќ.

„Енергични луѓе“ е еден од трите проекти на Охридскиот театар, поддржани од Министерството за култура оваа година, а на репертоарот ќе биде секој нареден петок.


1 view

Comments


bottom of page