top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Еминентни писатели на Меѓународниот фестивал „Денови на прозата“ во Куманово

Второто издание на меѓународниот фестивал „Денови на прозата“ ќе се одржи на 25 и 26 мај, во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово. Фестивалот за првпат се одржа минатата година и беше одлично прифатен од посетителите и од јавноста. Станува збор за фестивал на кој се промовираат домашни и странски писатели, автори на прозна литература.

На првата фестивалска вечер, на 25 мај, публиката ќе има можност да дискутира со писателот и академик Влада Урошевиќ и со авторката Даница Вукичевиќ од Србија, која е добитничка на Ниновата награда. Модератор на првата вечер ќе биде Александар Маџовски. Програмата на 26 мај ќе почне во 12 часот, во фоајето на Центарот за култура, со промоција на книгата за деца од писателката Јулијана Величковска, додека во 17 часот ќе има тркалезна маса за книжевниот превод, на која ќе зборуваат Петар Андоновски и Катица Гаровска од Македонија, Саша Пуљаревиќ од Словенија и Елена Алексиева од Бугарија, а модератор ќе биде Владимир Јанковски.

Фестивалот ќе заврши со дебата на која ќе зборуваат писателите Арлинд Фазири, Живко Грозданоски, Калина Малеска, Стефан Алијевиќ од Македонија и Елена Алексиева од Бугарија, а модератор ќе биде Ана Јовковска.

– Фестивалот се организира за да ја доближи прозата до читателската публика, да промовираме и да дискутираме со автори кои се веќе етаблирани и познати на публиката, како и да даваме простор за промоција на млади автори кои пишуваат проза. Интересот првата година навистина беше голем и публиката, а и гостите дадоа позитивни реакции за целиот фестивал. Преку овој фестивал сакаме да ја ставиме убавата литература на пиедестал и да овозможиме со фестивалот да се случуваат и други дополнителни активности што ќе ги организираме тој период, а се поврзани со литературата и со прозата во нашиот град. Очекуваме дека со поставувањето на овој фестивал на мапата на книжевни фестивали во Македонија ќе придонесеме за популаризирање на книгата, на читањето и на дискусијата за истото, велат од Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, организатори на Меѓународниот фестивал на прозата.

Центарот за култура во Куманово на 25 и 26 мај ќе биде местото каде што ќе гостуваат некои од најеминентните прозаисти на нашиве простори. Вечерната програма ќе почнува во 20 часот. Фестивалот се реализира со поддршка од Министерството за култура и локални компании, пријатели на фестивалот.


0 views

コメント


bottom of page