top of page

Емин Џијан и бендот „оВо“ со концерт „Диши љубов“ – микс на носталгија и надеж за подобро утре

Микс на носталгија и надеж за подобро утре… Вака накратко може да се најави музичко-поетскиот и визуелен перформанс „Диши љубов“, кој ќе ја има својата премиера на 25 март (петок) на сцената на Филхармонија со почеток во 20 часот. Овој нов и уникатен проект со музика на композиторот и диригентот Џијан Емин и

текстови на музикологот Тина Иванова, е во организација на „Мјузик инкубатор“ и Здружението на џез-музичари.

„Музичко-поетскиот и визуелен перформанс ‘Диши љубов‘ зборува за љубовта, воздухот, за Скопје, за сите нас, за општествениот и социјалниот дефект во светски рамки. Настанот е обид светот да стане малку поубав“, вели Џијан Емин. Според него концертот има повеќе димензии на доживување. Песните ќе бидат изведени од бендот „оВо“ составен од извонредните и веќе добро познати музичари на македонската јавност: Џијан Емин – гитара и вокал; Драган Гиновски Гино – гитара; Ади Имери – гитара и вокал; Дарко Мучев Мучо – бас гитара и Гоце Стевковски – тапани, заедно со „Магичниот гудачки ансамбл“ во кој членуваат музички уметници од Филхармонија и хорот „Магични гласови“.

„Помеѓу композициите и визуализацијата специјално создадени за овој настан од страна на уметникот Емил Петров, ќе има нарација, а наратор е Атанас Атанасовски, кој ќе ја раскаже приказната со љубовна тематика, со инструментална музика во заднина, која е различна од она што бендот го изведува“, додава Емин Џијан, кој истакна „Сакаме да пренесеме љубов и таа љубов да биде примена од публиката“.

Инаку, „Диши љубов“ пее за љубовта прикажана во сите нејзини лица – тажна, меланхолична, дури и трагична, среќна, возбудлива или полна со страст. Пее за Скопје, за здивот и духот на градот. Всушност, зборува за две суштински појави без кои човекот не би можел да опстои – воздухот и љубовта. Песните ќе бидат испеани целосно на македонски јазик, а музиката и лириката ја поседуваат онаа скопска, носталгична звучна естетика и влече корени од музиката од 80-тите и особено од музиката од 90-тите години на минатиот век, создавана на американското и на британското музичко поднебје.

Следниот концерт според Џијан во Македонија е во Македонска Каменица, а концерти ќе се одржат и во други градови во државата како и во Босна и Херцеговина, со цел да музиката да се доближи до пошироката публика.

Тој посочува и дека по концертот во петок, ќе бидат доснимени уште неколку песни, по што ќе биде издаден и албум. (Д.Т.)


 
 
 

Comments


bottom of page