top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Емин Џијан: Вредеше да се влезе во музичка авантура со „Архангел“

Updated: Jul 26, 2021

26.07.2021 Juli Ponedelnik

„Тоа што мене ме радува и ми е особено важно е ситуацијата во која имаме македонска група, која има убави издржани песни со текстови кои публиката многу добро ги знае и сака… Песните концертно ќе бидат изведени со голем симфониски оркестар каде што главен солист ќе биде Ристо Вртев, придружуван на гитара од Предраг Икономовски и неколку придружни вокали. Ќе изведеме музика од сите албуми во нови аранжмани, помалку или повеќе изменети. Секако најголемите хитови како „УберМакедонише“, „Милион долари“, „Харт Кор“, „Луна“… нема да изостанат“, вели за весникот ВЕЧЕР, диригентот, аранжер и музичар Емин Џијан како најава на концертот кој на 26 јули (21 часот) ќе се одржи во Градскиот парк во Скопје

На 26 јули во Градскиот парк ќе се одржи концертот на Филхармонија со оркестрациите на песните на „Архангел“. Како се одлучивте на фузија на рокот и класичната музика?

Досега со Филхармонијата имавме прилика да направиме неколку различни концерти под отворено небо во кои имаше фузија на жанрови. Конкретно концерти кои имав прилика да ги работам јас беа со музиката на ДејвидБоуви и ПинкФлојд, кои во основа се песни аранжирани и оркестрирани за голем симфониски оркестар. Во тој контекст не е новина за нас да имаме ваков тип на фузија. Тоа што мене ме радува и ми е особено важно е ситуацијата во која имаме македонска група која има убави издржани песни со текстови кои публиката многу добро ги знае и сака. Не беше воопшто тешко да се сложиме со директорката на Филхармонија, Тина Иванова, дека вреди да се влезе во музичка авантура заедно со „Архангел“.

Кажете ни нешто повеќе за самиот концерт и песните кои ќе има можност да ги слушне публиката таа вечер?

Песните концертно ќе бидат изведени со голем симфониски оркестар каде главен солист ќе биде Ристо Вртев, придружуван на гитара од Предраг Икономовски и неколку придружни вокали. Ќе изведеме музика од сите албуми во нови аранжмани, помалку или повеќе изменети. Секако најголемите хитови како „УберМакедонише“, „Милион долари“, „Харт Кор“, „Луна“… нема да изостанат.

Со оглед дека сте (биле) член на групата „Архангел“, дали концертот беше посебен предизвик за Вас и каква беше соработката со Ристо Вртев во процесот на изборот и обработката на песните за овој настан?

Тоа што можеби е најголема предност за мене во овој проект е фактот што и јас сум фан на „Архангел“. Покрај тоа што имав прилика да свирам на концерти со групата и притоа имав прилика да се запознам со песните на најдобар начин, сепак ќе кажам дека мене ми се допаѓа „Архангел“. Предизвикот е голем и одговорноста е огромна прво пред самиот себеси, а најмногу пред публиката која многу добро ги знае песните. Со Ристо Вртев имаме долгогодишна соработка. Еве да бидам точен, првиот концерт кој јас го свирев со „Архангел“ беше далечната 1998 година. Истата година работевме на музиката на филмот „Збогум на 20 век“ и еве денес сè уште свириме заедно. Изборот на композициите не беше лесен. Тргнувајќи од позиција каде на концерт сме ги свиреле скоро сите песни од сите албуми, каде што концертите траеле по три часа, не беше лесно да се одлучи кои песни нема да бидат изведени. Избравме 16 песни за кои одлучивме дека вреди да се оркестрираат за голем оркестар. Јас би бил најсреќен кога би можеле да ги отсвириме сите песни, но тоа во овие услови со симфониски оркестар е навистина комплексно.

Сметате ли дека ќе ги исполните очекувањата на фановите на „Архангел“ и дали лично сте задоволни од овој музички продукт?

Се надевам дека ќе ги исполниме очекувањата на публиката. Како што кажав, за жал, не сме во можност да ги изведеме сите песни на Архангел и убеден сум дека секој од нас има свои фаворити во изборот. Можеби ќе имаме прилика во блиска иднина да организираме повторно концерт каде би ги извеле останатите песни кои нема да се најдат на овој концерт. Од моја лична перспектива сум задоволен и среќен што имам прилика да работам ваков проект со музика која ја сакам. Сè што работам го правам со срце и љубов и се надевам дека публиката ќе ужива во изведбата на омилените песни.

Дали овој концерт ќе има „реприза“ и на друга локација?

Засега постои желба и подготвеност од наша страна за повеќе изведби. Доколку се појави прилика секако дека ќе има реприза. Конкретен нов датум нема.

На што работите друго во моментов и што публиката може следно да очекува од Вашата музичка ризница?

Изминатиов период имав прилика да работам на неколку филмски проекти со композиторот ЏејмиКристоферсон, проект со американскиот бенд Саинт Мотел заедно со Дуке Бојаџиев и, на мое големо задоволство, работев на оркестрациите на музика од Кирил Џајковски, која ќе биде дел од новиот филм на Иво Трајков.

Следат концерти со Влатко Стефановски и филхармонија, концерт со македонски евергрини во изведба на ЗЏМ и Филхармонија, неколку различни концерти со биг бендот на ЗЏМ помеѓу кои и музиката на Френк Запа… Во процес на подготвување сум на еден многу интересен проект заедно со норвешкиот трубач АрвеХенриксен и музичкиот продуцент и саунд дизајнер Јан Банг. Во најава има уште неколку големи настани кои треба да се случат во државата и надвор од границите за кои ќе следи дополнителна најава. (Д.Т.)





3 views

Comments


bottom of page