Ема Стоун, Марк Рафало и Вилем Дефо во новиот филм „Сироти суштества“
Студиото „Твентиет сенчури“ го објави трејлерот за „Сироти суштества“, во режија на Јоргос Лантимос, со Ема Стоун, Марко Рафало и Вилем Дефо во главните улоги. Филмот ќе се прикажува во домашните кина на почетокот на септември, а првиот трејлер за научнофантастичната романса ја навестува приказната за младата жена Бела Бакстер (Ема Стоун), која фантастичниот научник Годвин Бакстер ја враќа во живот (Вилем Дефо). Филмот е адаптација на романот од шкотскиот писател Аласдир Греј.
По филмот „Омилената“ од 2018 година, сценаристот Тони Мекнамара и режисерот Лантимос повторно се обединуваат и носат нова приказна на големото платно. Под заштита на научникот Бакстер, Бела е желна да учи. Гладна за секојдневието што ѝ недостига, таа и Данкан Ведербрн (Марк Рафало), приврзан и пргав адвокат, бегаат во бурна авантура низ светот. Ослободена од предрасудите на времето, Бела станува непоколеблива во намерата да се залага за еднаквост и слобода.
Ема Стоун глумеше и во последниот филм на режисерот Лантимос, „Омилената“, кога беше номинирана за „оскар“ за најдобра споредна женска улога. Лантимос е познат и по филмот „Јастог“ (2015), кој освои три награди на Канскиот филмски фестивал, вклучувајќи ја и наградата на жирито.
Покрај споменатите актери, во филмот „Сироти суштества“ улогите ги толкуваат и Маргарет Кволи, Реми Јусеф, Џерод Кармајкл и други.
Comments