Елмас и Чурлинов го пробија „бункерот“ на Малта, Македонија отвори според планот
Македонската фудбалска репрезентација одигра доста скромно прво полувреме против Малта и не испрати ниту еден шут кон противничкиот гол, односно западна во „замката“ на гостите кои максимално успеаја да го забават темпото и да ја умртват играта.
Тоа го натера Благоја Милевски да направи две промени во раната фаза на вториот дел, па откако Елиф Елмас го испрати првиот шут кон голот, судијата покажа на белата точка по одбиената топка.
Бојан Миовски беше соборен во шеснаесеникот, но по проверката на ВАР, судијата процени дека македонскиот напаѓач предвреме почнал да паѓа, па одлуката беше поништена и играта продолжи.
Многу брзо, токму двоецот Миовски-Елмас беше креатор на првиот гол, за кој веќе немаше никакви дилеми и Македонија заслужено поведе на семафорот. По спуштената топка од Миовски, Елмас погоди ефектно и го отвори резултатот, по што Македонија почна да игра далеку поопуштено.
Погодокот на ѕвездата на Наполи беше постигнат во 66-та минута, а шест минути подоцна стрелаше и резервистот Чурлинов кој прецизно и силно биеше со левата нога за 2:0.
Во самата завршница, гостите се погрижија за нервоза меѓу присутните навивачи на „Тодор Проески“ откако успеаја да намалат на 2:1 (гол постигна Јаник), но македонската одбрана успеа да издржи и на крајот со планирана победа ги отвори квалификациите за Европското првенство.
Comments