Елена Андоновска со видео запис за песната „Сношти појдов, мила мамо, на седенка“ во чест на Васка И
Елена Андоновска со видео запис за песната „Сношти појдов, мила мамо, на седенка“ во чест на Васка Илиева
Интерпретаторката на македонската народна музика Елена Андоновска приреди ново музичко доживување со видео записот за песната „Сношти појдов мила мамо на седенка“ со која ја потсети публиката на незаборавната Васка Илиева. Ова е вториот запис од новиот албум „Запеало славеј пиле“, а првиот видео запис за песната „Мори деј Невено“ Елена го промовираше во текот на 2021 година.
Андоновска и овој пат не отстапува од својот стил на строго дозирана аранжманска модернизација на старата изворна песна која со нејзиниот препев добива современ звук, а повторно ја следи автентичната мелодиска линија. „Народните песни се многу важен сегмент од духовната култура на еден народ. Според тоа мора да бидат зачувани од заборав. Постојат институции кои се грижат за тоа, но и јас како индивидуалец сакам да придонесам народната песна да не се заборави. Целата идеја беше овие песни да се слушаат и да допрат и до помладата публика. Ова е еден од начините да го зачуваме постоењето и идентитетот на македонскиот народ кој отсекогаш творел и создавал“, истакна за весникот ВЕЧЕР, Андоновска.
И овој пат Елена работи со професионален тим. Видео записот го изработи продукција АРТ Студио со сценарио и режија на Марјан Андоновски. Аранжманот за песната е на Дарко Илиевски, а музичката продоукција е на Анѓел Ќосев. Видео записот се снимаше на неолку локации во Скопје, а како забележан мотив се појавуваат фотографии од легендарната Васка Илиева и на тој начин е истакната симболиката на песната односно посветата.
Елена и овој пат е стилизирана во етно дизајниран фустан и како што предходно нагласи дека во целиот проект кој ќе содржи вкупно три видео записи ќе биде облечена во народна носија соодветна на пределот каде што се снима. Третиот видео запис како завршна фаза на проектот ќе биде промовиран во текот на оваа 2022 година и ќе биде во чест на Александар Сариевски.
Мора да нагласиме дека Елена е вистински пример на пејач кој строго држи до професионалните музички, естрадни и естетски критериуми.
Инаку, албумот „Запеало славеј пиле“, во рамките на кој се наоѓа и песната „Сношти појдов мила мамо на седенка“, содржи вкупно десет македонски народни песни облагородени со нов музички аранжман. Проектот е поддржан од Министерството за култура како проект од национален интерес на државата за 2021 година.
Comments