top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Електрични тротинети „бин бин“ за вандалски „вин вин“

ПРОЕКТОТ НА „ГРАДСКИ ПАРКИНГ“ ОДНАПРЕД ОСУДЕН НА ПРОПАСТ!?

Се сеќавате ли на проектот на јавното претпријатие „Градски паркинг“ насловен „Изнајми велосипед“, чија цел беше да се мотивира населението да вози велосипеди за мал паричен надомест, но и да се прочисти воздухот и да се зголеми неговиот квалитет? Да, токму тој проект пропадна, бидејќи народот не знаеше да ги чува велосипедите. Истите тие беа крадени, кршени, оштетувани, па амортизацијата за нив едноставно беше прескапа за градското претпријатие. Како таков, проектот и неславно заврши, иако на некои локации во градот сѐ уште стојат местата од каде што се изнајмуваа велосипедите.

Проект за поздравување и охрабрување

Денес веќе се чувствува модернизацијата. Наместо велосипеди, „Градски паркинг“ се одлучи на нов чекор – изнајмување електрични тротинети. Јавното претпријатие изнајмува 500 електрични тротинети, стационирани на 19 станици низ градот. Проектот ѝ е доделен на турската компанија „Бин бин“, која ја има во Хрватска, Бугарија, Турција, Азербејџан и во Босна и Херцеговина. Тротинетите можат да се остават каде било, а од компанијата на крајот на денот со помош на вградените ГПС-уреди во тротинетите ќе ги лоцираат и ќе ги преземаат. Цената за изнајмување е девет денари за минута, со оглед на тоа што нивната намена е за кратки патеки. За корисникот да може да плати, мора да има паметен телефон на кој ќе ја преземе апликацијата на компанијата, ќе го скенира кодот на тротинетот и ќе го активира. Од „Градски паркинг“ информираа дека со цел зголемена безбедност на корисниците, брзината на движење на тротинетите е 24 километри на час. – Целта на овој проект е подобрување на квалитетот на воздухот во градот Скопје и унапредување на здравјето на луѓето, преку стимулирање на граѓаните да користат алтернативни начини на превоз, со што би се намалило загадувањето од возилата учесници во сообраќајот – информираа од јавното претпријатие.

Злоупотреби на терен

Зошто се поставува песимистичкото прашање „што успеало кај нас, па да успее и овој проект?“ Исто како и погореспоменатиот проект наменет за изнајмување велосипеди, така и на овој, судејќи според нашата култура на однесување, се чини дека брзо ќе му дојде крајот. На надлежните воопшто нема да им биде исплатливо да ја намират сметката за сервисирање на електричните тротинети, бидејќи претежно се користат од малолетни деца, а доколку е вистина она што се споделува на социјалните мрежи, веќе се регистрирани и првите кражби на тркалата на тротинетите. Некои од корисниците на социјалните мрежи дури и даваат идеи за тоа како да се прештелуваат и префарбаат за да се украдат електричните тротинети. – Уште не ни почнал проектот, што се вели, и веќе е хаос со тротинетите. Цел ден денес гледам мали деца како се возат со нив низ населба. Се тркаат, играат, се удираат… проектот е навистина одличен и е прекрасна идеја, меѓутоа за кој народ? Дали некому навистина до толку му дојде до тркалата на тротинетот, не знам, ама ако фотографиите се вистинити, тогаш ние навистина го допревме дното – вели Андреј Гелевски, жител на Скопје. И другите граѓани реагираат за несериозноста на сограѓаните. Велат дека мора да се однесуваме како жители на метропола, а не како да сме паднати од Марс и како ништо да не сме виделе.

– Вакви проекти има премногу во светот, па дури и на Балканот. И насекаде функционираат беспрекорно, луѓето си ги користат, некои од занимација, некои за да пазарат или да завршат некоја обврска. Само кај нас тротинетите се користат од малолетници, кои, всушност, не ни смеат да возат електрични тротинети. Ова е навистина крајно несериозно. Излегуваме смешни, од компанијата сигурно ќе се откажат да ги даваат тротинетите кога ќе видат колку сме ги оштетиле – вели Никола Стојковски.

daniela.t@novamakedonija.com.mk


6 views

Comments


bottom of page