Ексклузивно на Песна на Евровизија 2022 ќе пее италијанската музичка ѕвезда Џиљола Чинквети – за муз
Италијанците и Италијанската радио-телевизија, како домаќини на годинашната Песна на Евровизија, ништо не ѝ оставаат на случајноста. Фестивалот е темелно подготвуван, па така на сцената ќе настапи една од најголемите евровизиски ѕвезди на сите времиња, славната Џиљола Чинквети.
Италијанската суперѕвезда и прва победничка на натпреварот во Италија, Џиљола Чинквети, ќе биде специјална гостинка на финалната вечер на 14 мај, во салата „Пала Олимпико“ во Торино. Таа убедливо победи на Евровизија кога имаше само 16 години, со песната „Non Ho L’età“, која потоа стана голем светски хит. Такво нешто не му успеа на ниту еден италијански претставник, дури ни на големиот Доменико Модуњо, кој на натпреварот во Луксембург беше неславно последен. Џиљола пееше на Песна на Евровизија уште еднаш, таа година кога победи шведскиот квартет АББА, освојувајќи го одличното второ место со песната „Да“.
По суперпобедата на Евровизија во многу далечната 1964 година, пејачката продолжи да продава милиони плочи низ целиот свет, да прави турнеи во многу земји, а си направи и кариера како телевизиска водителка. Нејзиното сегашно враќање на сцената на Евровизија во сабота на 14 мај, веќе е одлично прифатено од Италијанците, но и од целиот естраден свет. Таа носталгично, во живо, ќе го испее тој безвременски хит. Сето тоа ќе го видиме преку директниот ТВ-пренос на програмата на МТВ 1. Италијанската поп-ѕвезда е добитничка на многу музички награди и сè уште, и покрај годините што сега ги има, е голема музичка дива. (Д.М.)
Comments