„Езотерија“ со прочуениот Сергеј Крилов во Филхармонијата
11.04.2024 April Cetvrtok
Kонцертот „Езотерија“ ќе се одржи денеска, во 20 часот, вo Македонската филхармонија, а како виолинист, но и како диригент, ќе настапи прочуениот Сергеј Крилов.
Заедно со Крилов (1970), кој се смета за еден од најталентираните виолинисти на својата генерација и веќе одамна етаблиран и како диригент, оркестарот на Македонската филхармонија ќе ги изведе: Симфонија бр. 1, оп. 25 – „Класична“, најпопуларната симфонија од Сергеј Прокофјев, потоа Концертот за виолина и оркестар бр. 1, оп. 26 во Ге-мол, најизведуваното и најпознато дело од Макс Брух, како и романтичарската Четврта симфонија на музичкиот прометеј – Лудвиг ван Бетовен.
Концертот „Езотерија“ ќе донесе комплексна програма и уникатен начин на работа, со маестрален уметник како што е Крилов, а каков што ретко слушаме на нашата музичка сцена.
Сергеј Крилов (1970, Москва) се смета за еден од најталентираните виолинисти на својата генерација. Тој е веќе етаблиран и како диригент, а особено значајно во неговата кариера е неговата функција како директор на Литванскиот камерен оркестар со кој редовно ја презема двојната улога на солист и диригент. Настапувал на сите значајни концертни подиуми, меѓу кои и со Берлинската и Минхенската филхармонија, виенскиот „Музиквереин“, Театарот на Елисејските Полиња во Париз, академијата „Санта Чечилија“ во Рим, „Ла Скала“ во Милано, низ Русија, во Европа, Кина…
Како што и самиот често истакнува, од уметниците со кои соработувал огромно влијание врз неговиот уметнички живот извршил славниот виолончелист Мстислав Ростропович.
Роден во семејство на музичари, Сергеј Крилов почнал да изучува виолина на пет години, а по само една година, го одржал и својот прв концерт. На десетгодишна возраст веќе станал студент во класите на врвните виолинисти Сергеј Кравченко и Абрам Штерн на конзерваториумот „Чајковски“ во Москва, и веднаш ги реализирал своите оркестарски дебија низ Русија, Кина, Полска, Финска и Германија.
На 16 години го снимил Моцартовиот „Концерт К 219“, како и голем број дела за Руската радио-телевизија. Носител е на голем број први награди на меѓународни натпревари. Сергеј Крилов настапува како солист и со Виенскиот симфониски оркестар, Англискиот камерен оркестар, „Камерата Салцбург“, Филхармонијата на Санкт Петербург, камерниот оркестар „Московски солисти“, Симфонискиот оркестар на Токио итн. Соработува со диригенти како Валери Гергиев, Владимир Ашкенази, Дмитри Лис, Владимир Јуровски, Михаил Плетнев, Андреј Борејко, Јури Башмет… Од 2012 година, Крилов е професор на Универзитетот за музика и уметност во Лугано, Швајцарија.
Comments