Еден век на Централниот терен на Вимблдон
ТЕНИС
Вимблдон вчера ја одбележи 100-годишнината на иконскиот Централен тениски терен, кој своевремено, кога беше отворен, беше опишан и како промашување или „бел слон“. На пригодната свеченост имаше осврт на епските натпревари и на класичните моменти, а беа вклучени и некои претходни шампиони на гранслем-турнирот Вимблдон. Теренот, кој го нарекуваат и „катедрала на тенисот“ и на кој секоја година се играат машките и женските финалиња, не беше добро прифатен кога беше отворен во 1922 година. – Беше опишан како бел слон. Како некогаш би се наполнил? Зар тенисот ќе стане толку популарен за да дојдат толку многу луѓе? И еве сме, 100 години подоцна, на овој прекрасен стадион, кој стана едно од најпознатите обележја во овој спорт – изјави Александра Вилис, директорката за комуникации и маркетинг на Вимблдон. Централниот терен официјално го отвори кралот Џорџ Петти на новите терени на „Чрч роуд“. Четиринаесет години подоцна, во 1936 година, Британецот Фред Пери на тој терен ја освои третата титула по ред на Вимблдон. Пери беше последниот Британец победник на Вимблдон до 2013 година и триумфот на Енди Мареј. Една од традициите на Централниот терен е бранителот на титулата во машка конкуренција следната година првиот меч да го игра таму.
Стадионот, кој е со капацитет од речиси 15.000 седишта, е мешавина од традиционалното и најсовременото, вклучувајќи го и подвижниот покрив, кој беше додаден пред 13 години, со што се овозможи да се играат мечеви и кога врне дожд. На интернет-страницата на Вимблдон се наведува дека во текот на следните години ќе следува проширување на тенискиот центар, по купувањето на соседниот голф-клуб Вимблдон парк. Турнирот беше прекинат за време на Втората светска војна, а Централниот терен бил погоден со бомба во октомври 1940 година и оштетен дел од трибината. Натпреварите продолжиле во 1946 година, а поправките биле завршени следната година. Вилис рече дека фокусот на вчерашната прослава бил погледот назад и гледањето напред, при што од училишните деца било побарано да замислат како ќе изгледа Централниот терен за 100 години. – Идејата е да се биде сведок на историјата. Размислете колку промени се случија за еден век – вели Вилис. Л.Д.
Comments