„Егзит“ ѝ донесе над 220 милиони евра на економијата
- Aleksandar Santovski
- Nov 17, 2022
- 2 min read
Според истражувањето
Фестивалот „Егзит“ од 2022 година донесе нови 19,7 милиони евра профит за економијата на Нови Сад и на Србија, со што вкупниот придонес на фестивалот од основањето до денес се искачи на повеќе од 220 милиони евра. Ова го покажа истражувањето на „ТИМ центарот“ од Нови Сад, кое секоја година за време на фестивалот се спроведува со посетители од Србија, регионот и од странство. Поголемиот економски придонес во однос на претходната година, кога тој изнесуваше 18,8 милиони евра, е резултат на зголемувањето на неколку клучни параметри, меѓу кои се рекордната потрошувачка и зголемениот удел на посетителите надвор од Србија. Фестивалот придонесува за Нови Сад и за Србија и во форма на меѓународно промовирање на дестинацијата, чија вредност многу експерти ја сместуваат во категоријата – бесценето. Меѓу нив е и новинарот на престижниот економски магазин „Ди економист“, кој претходно изјави дека доколку Србија го вложи целиот свој буџет во пиар, не би го постигнала она што за нејзината промоција го имаат направено Новак Ѓоковиќ и „Егзит“. Тоа уште еднаш ги потврдува и резултатите на годинашното истражување, според кое, најголемиот број од испитаниците сметаат дека фестивалот, покрај Новак Ѓоковиќ, е најпознатиот српски бренд во странство. Дури 89,8 отсто од испитаниците истакнуваат дека фестивалот позитивно влијае на глобалниот имиџ на Србија, додека неверојатни 97,8 отсто од испитаниците изјавиле дека нивното мислење за Нови Сад се подобрило или останало исто по посетата на фестивалот! Во јули 2022 година, низ фестивалските порти поминаа повеќе од 200.000 посетители, од 107 земји во светот, при што најмногу странски гости пристигнаа од Германија, Велика Британија, Турција, Унгарија и Франција, додека од регионот предничат Словенија, Босна и Херцеговина и Хрватска. Дури 91 отсто од посетителите во Нови Сад дошле поради „Егзит“, што е доказ за директното позитивно влијание на фестивалот врз туризмот, но и врз имиџот на Нови Сад и на Србија во целост. Посетителите за време на фестивалот во Нови Сад и во Србија, во просек потрошиле по 549 евра, што е скок од 22 отсто во однос на претходното издание. Туристите од Западна Европа трошеле во просек по 821 евро, а оние од Источна Европа по 720 евра.

Comments