Европско патувачко кино под отворено небо за „загревање“ пред 20. „Синедејс“
Фестивалот на европски филм „Синедејс“, по повод 20-годишното постоење, воведува нова програма „Синедејс загревање – Европско патувачко кино под отворено небо“, како заеднички проект на Делегацијата на Европската Унија и Младинскиот културен центар, со цел претставување на нови европски филмови на отворено пред публиката во целата земја
Европско патувачко кино под отворено небо е новата „Warm-up“ програма која ја воведува Меѓународниот фестивал на европски филм „Синедејс“, а по повод своето јубилејно 20. издание кое годинава ќе се одржи во летна варијанта од 15 до 21 јули. Програмата „Синедејс загревање“ или „Warm-up“ ќе се одржи пред официјалниот датум на фестивалот, а замислено е да се реализира во три града во Македонија, со проекции кои ќе се одржуваат под отворено небо. Станува збор за годишно прикажување на нови европски филмови, признати од критиката и сакани од европската публика, а програмата предвидено е секоја година да патува во три различни градови.
Годинава таа започнува на 25 и 26 јуни на плоштадот пред општината во Крива Паланка, продолжува на 3 и 4 јули во Градскиот парк (Дом на АРМ) во Струмица, а завршува на 9 и 10 јули на летната сцена на Центарот за култура во Струга.
„Делегацијата на Европската Унија во Младинскиот културен центар и во ‘Синедејс’ препозна долгогодишен партнер за реализација на своите културни цели што за нас значеше многу во поглед на нашиот раст. ‘Синедејс’ започна пред дваесет години, како идеја за славење на европската кинематографија како бренд на Европската Унија, односно како проект на ЕУ, кога тогашната комесарка за култура Вивиан Рединг создава иницијатива за славење на европскиот филм во сите поголеми европски градови. Особено ми е драго што од тогаш до сега, тогашната идеја за ‘Синедејс’ единствено во Скопје еволуираше во вистински филмски фестивал“, истакна на денешната прес-конференција Маргарита Арсова, координатор на фестивалот „Синедејс“.
Инаку, Европското патувачко кино под отворено небо, оваа година ќе прикаже 12 филма: 6 европски филмови продуцирани во последните години, кои ја одразуваат европската креативност и разноликост и кои нудат по нешто за сечиј вкус и 6 македонски кратки филмови, дел од нив наградувани на различни филмски фестивали. Годинешната селекција на играни филмови ги вклучува: „Хакер“ (Данска), „Патешествието на Принцот“ (Франција), „Брат ми брка диносауруси (Италија), „Рока го спасува светот“ (Германија), „Слава“ (Бугарија) и „Кожурец“ (Германија). Филмовите третираат теми што ги засегаат сите луѓе, а особено младите денес, од темната страна на дигиталната технологија, до прифаќањето и разноликоста, животот на луѓето со посебни потреби, насилството и предрасудите, корупцијата и слабостите на граѓанското општество, сексуалната ориентација и родовиот идентитет.
„Ние го поддржуваме ‘Синедејс’ од првиот ден и со претставување на оваа програма сакаме ‘Синедејс’ да стигне до нова публика надвор од Скопје. Киното има огромен потенцијал да ги комуницира приказните на Европа и нејзините вредности, како што се еднаквоста, слободата на изразување, демократијата, грижата за животната средина и социјалниот момент на ЕУ. Овогодишната селекција на филмови ја рефлектира европската креативност и разновидност и ќе има филм за сечиј вкус“, истакна Дејвид Гир, амбасадор на Европската Унија.
Проекциите почнуваат во 21 часот, со исклучок на завршната вечер во Струга, која започнува од 20.30 часот и ќе бидат проследени со сесии разговори со филмскиот критичар Влатко Галевски и неговите гости, експерти за темите опфатени во филмовите. Влезот за проекциите е бесплатен. (Н.И.Т.)
Comentarios