Европско деби на технологијата за одредување офсајд
ФУДБАЛ – ВЕЧЕРВА СУПЕРКУП НА УЕФА: РЕАЛ МАДРИД – АЈНТРАХТ
Европскиот првак Реал Мадрид ќе се сретне со победникот на Лига Европа, Ајнтрахт, првпат по 62 години, откако двата тима ќе играат во 47-от Суперкуп на Европската фудбалска унија (УЕФА), вечерва (21 ч.), во Хелсинки (Финска). Тоа ќе биде прв официјален меч на двете екипи по сензационалното финале на тогашниот Куп на шампионите (сега Лига на шампионите) во 1960 година, кога Реал петти пат по ред стана европски првак, победувајќи го Ајнтрахт со 7-3 на стадионот „Хемпден парк“ во Глазгов (Шкотска). Мечот ќе биде историски затоа што првпат во европските клупски натпреварувања на УЕФА ќе се користи полуавтоматската технологија за одредување офсајд. Тој систем работи благодарение на специјализираните камери што можат да следат по 29 различни точки на телото на секој играч. Направени се вкупно 188 теста од 2020 година, вклучувајќи ги сите мечеви во Лигата на шампионите (ЛШ) во минатата сезона, потоа во нокаут-фазата од ЛШ и на Европското првенство за фудбалерки неодамна во Англија, како и во финалињата на другите клупски натпреварувања, пишува УЕФА, која најави дека оваа технологија ќе се користи и во мечевите во ЛШ, а Светската фудбалска федерација дека ќе се користи на Светското првенство во Катар. – Овој иновативен систем ќе им овозможи на тимовите за системот видеопомошник-судија брзо и попрецизно да одредат офсајд-ситуации, подобрувајќи ги текот на играта и конзистентноста на одлуките – рече главниот за судии во УЕФА, Роберто Розети. Суперкупот се игра од 1973 година, по идеја од холандскиот новинар Антон Виткамп, пишува УЕФА. Ова ќе биде прв настап за Ајнтрахт во Суперкупот, а Реал Мадрид го игра осмиот меч (досега има четири победи, една од нив во Скопје во 2017 година). Хелсинки ќе биде десетти домаќин откако мечот се префрли од неговиот долгогодишен дом Монако. Сите билети за дуелот вечерва се продадени, пишува УЕФА. Стадионот е изграден за Летните олимписки игри (ЛОИ) во 1952 година, а е реновиран од 2016 до 2020 година. Неговата посебна кула е висока 72,71 метри, растојанието што го фрли освојувачот на златен медал Мати Јарвинен во фрлање копје на ЛОИ 1932.
Comments