top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Европскиот фудбал загубил четири милијарди евра во сезоната 2019/2020

ВЛИЈАНИЕ НА ПАНДЕМИЈАТА

Европскиот фудбал „почнува да го гледа обемот“ на финансиското влијание на пандемијата на коронавирусот со падот на приходите од четири милијарди евра во сезоната 2019/2020, пресметала финансиската компанија „Делојт“. Тоа е прв пад на приходите по глобалната финансиска криза во 2008 година.

– Во повеќето случаи станува збор само за влијание од три месеци на ковид-19. Ќе поминат неколку години пред да се пресмета целосното финансиско влијание на пандемијата врз европскиот фудбал. Но сега почнуваме да ги гледаме размерите на финансиското влијание што го имаше пандемијата врз европските клубови – пишува во извештајот Дан Џонс од „Делојт“.

Во јуни, „Делојт“ соопшти дека приходите за клубовите во англиската Премиер-лига во сезоната 2019/2020 забележале пад од 5,2 на 4,5 милијарди фунти (од 6,2 на 5,3 милијарди евра).

Заедно со другите пет најголеми европски фудбалски лиги (Англија, Италија, Франција, Германија и Шпанија) кумулативниот пад на приходите, исто така, изнесува 13 отсто, од 25,2 милијарди фунти (29,6 милијарди евра) на 22,1 милијарди фунти (25,9 милијарди евра).

Во извештајот се наведува и дека иако англиските фудбалски клубови покажале „извонредна еластичност“, бројките од речиси целата сезона 2020/2021, без приходите од денот на играњето на натпреварите, ќе бидат „отрезнувачки“. Но со оглед на тоа дека клубовите во Европа се надеваат оти наскоро, од почетокот на новата сезона, ќе играат на полни стадиони, постои надеж дека финансиите на клубовите ќе се подобрат.

„Фудбалот покажа голема отпорност“

И покрај неизвесностите во минатата година, фудбалот и интересирањето на јавноста за него покажаа голема отпорност. Се надеваме дека сезоната 2021/2022 ќе биде чекор кон нормалноста, што ќе резултира со силно закрепнување на приходите во наредните сезони, вели во извештајот Дан Џонс од финансиската компанија „Делојт“.


2 views

Comments


bottom of page