top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Европскиот првак реди победи без примен гол

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Бранителот на титулата во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), од неодамна и светски клупски првак, Челси, забележа победа над Лил, со 2-0, во првиот осминафинален меч во Лондон, со головите на Каи Хаверц и на Кристијан Пулишиќ, и се доближи до пласман меѓу осумте најдобри тима сезонава. Челси стана првата екипа што победила на пет последователни домашни натпревари во ЛШ без да прими гол (гол-разлика 5-0), по Реал Мадрид од мај 2016 година (Реал имаше шест по ред). Тие се првата англиска екипа со таков ефект во ЛШ или претходно во Купот на европските шампиони. Челси прими само еден гол на претходните седум меча во ЛШ на домашен терен. Лил, пак, ги загуби претходните пет натпревари во ЛШ против тимови од Англија (три од Челси и два од Манчестер јунајтед). Откако лани во јануари за менаџер беше назначен Томас Тухел, Челси не прими гол на 39 меча во сите натпреварувања, најмалку девет повеќе од која било друга екипа во петте најсилни европски лиги, во Англија, Шпанија, Италија, Германија и во Франција (Севилја и Манчестер сити на 30). – Уште еден натпревар без примен гол, сосема заслужено. Одигравме солидно против Лил, кој е силен тим, и успеавме да ги спречиме да создаваат некои поизгледни шанси за гол – изјави Тухел. Англиските тимови победија на 14 (едно реми) од претходните 15 натпревари на домашен терен во ЛШ, серија што се протега до минатиот мај. Сезонава тимовите од Англија победија на 20 од 27 натпревари (плус три ремија и четири порази), седум повеќе победи од тимовите од која било друга земја во сезоната 2021/2022.

Влаховиќ за пет секунди побрз од Мелер

Србинот Душан Влаховиќ, напаѓачот на Јувентус, на дебито во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), постигна гол по само 33 секунди игра, на мечот на гости со Вилјареал, 1-1, во осминафиналето. Вилјареал е непоразен на претходните шест натпревари дома во нокаут-фазата во ЛШ, но пет се ремија. Влаховиќ (22) го постигна најбрзиот гол во ЛШ за дебитант стартер на меч и стана првиот играч на „старата дама“ роден во овој век што постигнал гол во нокаут-фазата. Претходно рекордот за најбрз деби-гол од почеток на меч во ЛШ го држеше Германецот Андреас Мелер, по 38 секунди, во септември 1995 година, на средбата Борусија Дортмунд – Јувентус (1-3).



2 views

Comments


bottom of page