Европскиот првак Италија пак ќе игра во баражот
Updated: Nov 18, 2021
17.11.2021 Noemvri Sreda
ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022
Италија, актуелниот европски првак, ќе мора да разигрува во плејофот напролет за пласман на фудбалското Светско првенство (СП) во 2022 година во Катар. „Азурите“, кои во последните две кола од квалификациите, во групата Ц, ремизираа со Швајцарија дома (1-1) и со Северна Ирска на гости (0-0), се можни ривали на Македонија во баражот во март. Од таа група Швајцарија ја совлада Бугарија со 4-0 и обезбеди директен пласман на СП. Италијанците ќе ја чекаат ждрепката на 26 ноември и противниците за плејофот, со надеж дека нема да им се повтори киксот од пред четири години кога не се квалификуваа за СП 2018 во Русија по елиминацијата од Шведска во плејофот за тој Мундијал. – Во моментов тоа е што е, се мачиме да постигнеме голови иако ја контролираме играта… Штета, затоа што сѐ требаше да се заврши пред овој натпревар – изјави Манчини за РАИ. Сепак, Манчини вели дека неговата репрезентација ќе биде во Катар и покрај серијата неубедливи игри во квалификациите за СП 2022 по триумфот на Европското првенство годинава. Италија ги доби првите три квалификациски натпревари во март, но потоа есенва следуваа четири ремија и една победа. На двата меча со Швајцарија што завршија нерешено Италијанците не искористија два пенала. – Имам верба, ајде да видиме што ќе биде во март, можеби и ќе победиме на СП – рече Манчини, кој на претходните два квалификациска натпревара не можеше да смета на капитенот Џорџо Кјелини, на напаѓачот Чиро Имобиле и на клучниот играч за врска Марко Верати.
Англија и Кејн засега најефикасни во квалификациите
Фудбалската репрезентација на Англија забележа убедлива победа над селекцијата на Сан Марино (10-0) во квалификациите за пласман на Светското првенство в година во Катар и првпат постигна толку голови на официјален меч. Претходно, во мај 1964 година, Англија ги совлада САД со 10-0 во Њујорк. Англичаните постигнаа 39 гола, најмногу досега во квалификации за ЕП или за СП. Хари Кејн беше стрелец на четири погодока, вкупно 12, и е најдобриот стрелец на квалификациите. Шанса да го помине Кејн имаше Холанѓанецот Мемфис Депај (11 гола), чија репрезентација синоќа играше со Норвешка. Кејн стигна до бројката од 48 гола за Англија и се израмни со Гари Линекер. Најефикасен е Вејн Руни со 53 погодока. Кејн, исто така, е само четвртиот играч што постигнал хет-трик на два последователни натпревара за Англија, по Вивијан Вудворд, Дикси Дин и Томи Тејлор, и првиот што постигнал четири гола по Иан Рајт, исто така, против Сан Марино, во 1993 година. Сан Марино, кој е на последната 210-та позиција на ранг-листата на Светската фудбалска федерација (ФИФА), има само една победа, над Лихтенштајн (1-0) на 186-те натпревари.
ЕВРОПСКИ КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022
– директен пласман: Германија, Данска, Белгија, Србија, Хрватска, Англија, Швајцарија, Франција и Шпанија, како и Холандија, Турција или Норвешка – ќе играат во баражот: Македонија, Италија, Португалија, Полска, Русија, Шкотска, Шведска, Велс, Австрија, Чешка, потоа Финска или Украина и Холандија, Турција или Норвешка
Comments