top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Европски филмови за деца и за тинејџери на „Бит фест“

Четири филма наменети за тинејџерската и детската публика до 16 септември ќе се прикажуваат во киното „Манаки“ во Битола, во рамките на оф-програмата на битолското културно лето „Бит фест 2022“. Филмовите опфаќаат различни теми, кои отвораат нови видици на децата во области што би го задоволиле нивното љубопитство, како тајните на вселената, екологијата и слично за најмладите, како и проблемите на тинејџерите во модерното општество: oсаменоста, прифаќањето на различните од себе, врсничкото насилство… Станува збор за четири филмски наслови од европска продукција. Сите проекции се од 19 часот, а влезот е слободен.

Првата проекција беше со италијанско-австриско-швајцарската копродукција „Вселенското момче“, во режија на Оливие Перу, за 11-годишниот Џим, со пасија за вселената и науката. Филмот ја освои главната награда на интернационалниот детски и младински фестивал во Бусан. Денеска ќе биде прикажана германската детска авантура „Рока го менува светот“, во режија на Катја Бенрат. Рока има 11 години и живее доста уникатен живот. Додека нејзиниот татко гледа над неа како астронаут од вселената, Рока живее сама со нејзината верверица и за првпат во својот живот оди во нормално училиште. На 15 септември е закажана проекцијата на италијанскиот филм „Брат ми брка диносауруси“, во режија на Стефано Ципани – најдобар филм за млада публика на Европската филмска академија во 2020 година. Филмот е снимен според бестселерот на Џакомо Мацариол. Последната проекција на 16 септември е на шведската комедија „Брит Мари беше тука“, во режија на Тува Новотни.

Проекциите ги организира продукциската и дистрибутерска куќа „Катавеј“ од Скопје, која во последните шест години успешно прикажува филмови наменети за помладата публика, во соработка со ЈОУ КИЦ – Битола.


2 views

Comments


bottom of page