„Европски денови на културното наследство“: Музеите со атрактивни изложби, работилници и посети на л
„Европски денови на културното наследство“: Музеите со атрактивни изложби, работилници и посети на локалитетиМакедонските музеи, но и другите институции во државата, по 27. пат се дел од најголемиот европски проект посветен на културното наследство кој од денеска (22 септември), на тема „Одржливо наследство“, ќе опфати бројни атрактивни изложби, работилници, концерти и посети на археолошки локалитети и поставки. Започнувањето на манифестацијата ќе биде одбележано со отворање на изложбата „Европски денови на културното наследство на Балканот“ во Музејот на Македонија, денеска (22 септември) во 11:30 часот. Инаку, во рамките на манифестацијата што ќе трае до 28 септември, ќе учествуваат триесетина музеи, граѓански здруженија, училишта и други институции од четиринаесет градови и села во нашата држава.
Дел од атрактивните настани што ќе може да се проследат овие денови е и изложбата „Уметниците во музеите – музеите со уметниците“, која ќе биде отворена денеска (22 септември) во 12 часот, во Заводот и музеј Прилеп. Археолошкиот музеј, пак, на 23 септември ќе организира „музејска училница“, како и креативни работилници со ученици од основните училишта. Заводот и музеј Прилеп, истиот ден од 12 часот, дигитално ќе ги презентира резултатите од археолошките истражувања од локалитетот Стибера, додека во Музејот на Неготино, вечерта во 20 часот, посетителите ќе може да го проследат солистичкиот концерт на Јасна Аврамовска на пијано. Музејот на тетовскиот крај ќе има отворен ден за посета на сите негови музејски поставки.
На 25 септември, ХАЕМУС – Центар за научно истражување и промоција на културата Скопје, во 10 часот, ќе реализира настан насловен „Авантуристичка мистерија – потрага по средновековното богатство“, кој претставува интерактивно доживување преку игра и истражување, на скопско Кале. Дел од настаните се и изложбата „Кратово низ вековите“ во Музејот на Град Кратово (26 септември) во 12 ч., а од 12 до 14 часот истиот ден ќе се реализира пилот-проектот „Sensory Journey“ со посети на Прилепскиот музеј, кои ќе бидат пренесувани преку каналите на социјалните мрежи. Музејот на тетовскиот крај ќе организира и посета на културниот предел Беловишки Водопади и предавање со историско-географски податоци за пределот, како и посета на христијански и на исламски сакрални објекти (27 септември), додека Заводот и музеј Битола ќе го привлече интересот на посетителите со „рути во Старата чаршија“.
На 27 септември (11 ч.), ќе може да се проследи ревија на етнолошки документарци во Музејот на Македонија, додека од областа на етнологијата и Кратовскиот музеј, тој ден, ќе ја отвори изложбата „Везот – белег на традицијата во кратовскиот регион“. Дел од настаните се и изложбите „Стари народни игри“ во Музејот на Свети Николе, „Македонска керамика – вековен предизвик“ во Музејот во с. Џепчиште, „Ликовни одблесоци од Уметничката галерија Тетово“…
Comments