„Европа го зборува мојот мајчин јазик“ – нова стихозбирка од Веле Смилевски
„Европа го зборува мојот мајчин јазик“ е насловот на новата поетска книга на Веле Смилевски во издание на Здружението за уметност и култура „Дијалог“ од Скопје.
Стихозбирката е посветена на европските поети, добитници на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, чии опуси се објавени на македонски јазик. Покрај насловната песна, книгата ги содржи циклусите „Кула Вавилонска“, „Настани отаде песните“, „Зборообразувачки настани“, „Азбучни илуминации“ и „Зборлести зборови“. Книгата, во обем од 200 страници, во посебен оддел донесува и авторски белешки и коментари со наслови: „Пригодна песна“, „Разминување“, „Расправа за О-то скитничко“, „Континуитет“ и „Песната палимпсест“.
Веле Смилевски (1949) е поет, романсиер, литературен критичар, есеист, книжевен истражувач. Автор е на поетските книги: „Слика што согорува“ (1974), „Кафез“ (1978), „Диши длабоко“ (1985), „Одзив на здивот“ (1987), „Икра во славината“ (1989), „Подвижни точки“ (1990), „Гребнатинки“ (1995), „Педесет песни“ (2000), „Педесет допевања“ (2005), „Совршена тишина“ (2009), „Час по поезија“ (2010), „Забранета книга“ (2011), „Век за самување“ (поема, 2012), „Век за приказ“ (2013), „Песната палимпсест“ (2017), „Европа го зборува мојот мајчин јазик“ (2022). За своето поетско творештво добитник е на повеќе признанија.
Comments