top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

ДФРМ бара поддршка од надлежните: Македонскиот филм е доведен до колапс!

04.06.2024 Juni Sreda

Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ), денес, испрати отворено писмо до јавноста во кое се алармира за тешката состојба во која се наоѓа македонскиот филм и филмските работници и се бара поддршка од надлежните институции за надминување на состојбите бидејќи, како што истакнуваат, македонскиот филм е амбасадор на македонската култура.

-И покрај нашите многубројни предупредувања во 2023, македонскиот филм доби буџет за 2024, кој не е доволен за елементарно да се покријат потребите на нашата кинематографија и кој ја води во нејзино забрзано системско распаѓање.  Во моментов во јавноста успешно се креира сликата од типот „барем се снима” само затоа што во периодов е завршена или во тек е реализација на 4 долгометражни играни филмови, а во текот на летото се очекува да започнат со снимање уште најмалку четири филма.  Она што е катастрофално и погубно за нас филмаџиите, а особено за филмските продуценти, во оваа „барем се снима” слика, е фактот што дел од овие филмови средствата ги имаат добиено во 2023, а оние кои добиваат средства оваа година мора да се согласат на половични исплати кои не се во корелација со досегашните стандардни исплати и договорно утврден процент кој продуцентите го добиваат за снимање од одобрените средства од Агенцијата за филм, посочуваат во писмото од ДФРМ.

Од ДФРМ истакнуваат дека ваквата ситуација во практиката значи дека секое почнување на филм носи несигурност и страв затоа што долгот од речиси 4.000.000 евра, кој Агенцијата за филм го има кон филмските продуценти, за проекти кои се одобрени на конкурс и се стартувани до овој момент се зголемува без притоа да се има јасен план како и кога продуцентите ќе можат да ги очекуваат средствата кои и самите ги должат спрема филмските работници, авторите, актерите и останати соработници и тоа за филмовите кои се веќе снимени и за добра и услуги кои се одамна веќе реализирани.

– Како денес, така и години наназад пролонгирањето на исплаќање на средства за одобрени проекти на конкурс се случува и преку непотпишување на нови договори, односно пролонгирање на потпишувањето на договорите, дури и во случаи кога продуцентите до Агенцијата за филм ја имаат доставено целосната документација согласно законот и имаат обезбедено банкарски гаранции. Несигурност и страв дополнително внесува и нефункционалноста на процедурата за прегледувањето на извештаи за наменско трошење на средства во Агенцијата за филм, проблем кој трае од нејзиното основање до денес. Во Агенцијата постојат извештаи кои се предадени и пред една до две години, а кои до ден-денес не се прегледани, велат од ДФРМ.

Во писмото на кое се потпишани Игор Иванов, претседател на ДФРМ, Лабина Митевска, претседател на секцијата продукција при ДФРМ и Даријан Пејовски, претседател на секцијата режија при ДФРМ, се вели и дека за да се одржи сликата „барем се снима”, Агенцијата за филм сериозно почнува да ги загрозува меѓународните договори кои самата таа ги има склучено со останати агенции и филмски центри од регионот и пошироко, да излегува од договорени повеќе годишни соработки кои бараат минимална финансиска партиципација, да го проблематизира плаќањето на котизации за одредени програми во кои Агенцијата е вклучена со цел промовирање на македонскиот филм, автори, актери, продуценти.

-Проблематизирањето на веќе донесени одлуки и менувањето на веќе постигнати договори, поради менувањето на раководството во државните институции е нешто со кое сите постојано се соочуваме во изминативе 30 години. Секако, оваа практика не ја заобиколува ниту Агенцијата за филм, па така со секоја промена на раководство, ние филмaџиите губиме драгоцени месеци во објаснување и запознавање на новите челници со функционирањето и спецификите на нашата дејност, додаваат од ДФРМ. Со ова писмо, како што велат, бараат од органите во Агенцијата за филм, од техничкиот и идниот Министер за култура и од техничката и идната македонска Влада, како и од останатите релевантни државни институции, итно разгледување на состојбите во Агенцијата за филм и итно запирање на лажната слика која се креира за состојбите во филмската дејност, кога во суштина филмските работници, автори и продуценти ги живеат најлошите денови во историјата на македонската кинематографија.

-Сакаме да информираме дека согласно податоците кои неофицијално ги имаме добиено од Агенцијата за филм, во периодот од 2020 до 2024 година, преку кратење на основното барање на средства за следната година, кое Агенцијата за филм го упатува до Министерство за култура, а преку нив и до Министерство за финансии, и преку ребаланс на буџет во текот на годината, од македонскиот филм се одземени околу 8.500.000 евра, но во исто време бројот на поддржани проекти воопшто не е намален. Со ваквото континуирано и паушално кратење на буџетот за филм во изминатите пет години, македонските филмски продуценти тонат во долгови поради ненавремените исплаќање на средства од страна на Агенцијата за филм за одобрени проекти кои се завршени, чија реализација е во тек или кои допрва треба да стартуваат. Воедно, се доведува во прашање егзистенцијата на филмските автори, продуценти, филмски работници и сите останати учесници во процесите на реализација на филмските проекти. Наспроти ваквиот однос на институциите, македонскиот филм години наназад е амбасадор на македонската култура во светот и успесите кои нашите филмови ги имаат во последните пет години гордо го веат македонското знаме на најголемите светски филмски фестивали во Кан, Венеција, Берлин, Парк сити, Карлови Вари, а македонската јавност беше особено горда кога успеавме да имаме и две номинации за Оскар, додаваат од ДФРМ.


1 view

Comments


bottom of page