Дуплантис и Рохас прогласени за атлетичари на годината
07.12.2020 Декември Понеделник
Актуелниот светски рекордер во скок со стап, Швеѓанецот Мондо Дуплантис, и рекордерката во трискок, Венецуелката Јулимар Рохас, се прогласени за најдобри атлетичари за годинава. Тие во саботата ги добија атлетските признанија за 2020 година на виртуелна свеченост. Дуплантис двапати го собори светскиот рекорд, прво прескокна 6,17 м, а потоа и 6,18 м за време на затворените викенд-натпревари во февруари, само неколку недели пред да се прошири пандемијата на ковид-19 и да ги запре сите спортски активности. Кога конечно продолжи натпреварувањето, Дуплантис ја заокружи сезоната со највисокиот скок на отворено на сите времиња (6,15 м) и истовремено остана непоразен на 16 натпревари. Дуплантис (21) е најмладиот атлетичар што некогаш е прогласен за атлетичар на годината. – Тоа беше чудна сезона, за мене и за сите, но успеав да постигнам добри резултати – рече Дуплантис.
Како и многу спортисти, Рохас се натпреваруваше повремено во 2020 година, но секој свој настап го направи успешен. Таа го собори јужноамериканскиот рекорд во трискок во затворен простор (15,03 м) во својот прв настап годинава во Мец. На Светската атлетска затворена турнеја во Мадрид прескокна 15,43 метри, со што го надмина светскиот рекорд во сала за седум сантиметри. Таа се натпреваруваше само двапати на отворено, победувајќи во Дијамантската лига во Монако и во Кастелон, каде што скокна 14,71 м, што е најдалеку на отворено годинава. – Искрено, не го очекував ова, навистина не можам да верувам и сум исполнета со среќа. Само тоа што бев една од финалистките се чувствував како победничка. Оваа награда значи многу за мене и за сите што работат со мене секој ден и ми даваат сила и мотивација. Да се биде најдобра атлетичарка на годината е дополнителна инспирација за 2021 година – вели Рохас.
Наградите за најдобри тренери заминаа кај Хелена и Грег Дуплантис, родителите на атлетичарот на годината Мондо Дуплантис, кој почна да ги соборува рекордите уште од возрасната категорија седум години. Неговата мајка е поранешна одбојкарка и помага во кондициските подготовки, а Грег, кој во скок со стап има резултат од 5.80, е задолжен за техниката на скокање.
Comments