top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Дуото „Гелебешеви“ ја одушеви публиката на „Охридско лето“

Уметниците од пијано-дуото „Гелебешеви“, извонредните пијанисти Катерина Костадиновска-Гелебешева и Григор Гелебешев, ја воодушевија публиката на „Охридско лето“ со внимателно избраниот репертоар и со својот врвен пијанистички артизам. Според музичката стручна критика, настапите на дуото „Гелебешеви“ се карактеризираат со перфекција во музичката креација доловувајќи ги суштинските одлики на композициите од технички, уметнички или стилски аспект, а тоа се потврди и со нивниот вчерашен настап под акустичните сводови на катедралната црква „Света Софија“.

– Возбудата и тремата се присутни пред секој настап. Но овој настап на „Охридско лето“ ми претставува голема чест и задоволство. Вторпат настапуваме на „Охридско лето“ со целовечерна програма, а задоволството е уште поголемо што свириме на убав инструмент во прекрасна акустика и пред убава публика – вели пијанистката Катерина Костадиновска-Гелебешева.

Репертоарот на дуото „Гелебешеви“ е селекција од колоритни дела со разновидна стилска и жанровска определба што најсликовито може да го претстави естетскиот афинитет на двајцата уметници.

– Пред четири години, на овој подиум имавме програма за пијано за четири раце. Оваа година, програмата во првиот дел е за четирирачно пијано, а во вториот дел за две пијана. Беше интересно додека ја подготвуваме, а се надевам дека беше исто толку интересна и за публиката – вели пијанистот Григор Гелебешев.

Двајцата истакнати македонски пијанисти, кои го делат и приватниот живот, поседуваат богати и разновидни уметнички сензибилитети обединети во успешна хомогена целина – пијано-дуо „Гелебешеви“. Тие се препознатливи на концертната сцена по уникатниот творечки перформанс, специфичен за изразито талентирани и врвно подготвени уметници и со своите инспиративни интерпретации умеат да ѝ го задржат вниманието и на најпребирливата публика.


3 views

Comments


bottom of page