top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Дуодрама во режија на Дејан Пројковски: По седумка на лото „За нас почнува живот“ – или можеби и не?

Публиката во час и половина, колку што трае претставата, имаше можност да ја проследи трагикомичната ситуација во која се најде еден средовечен брачен пар, кој со години отплаќа рати за долгови и на кои конечно им се случува – седумка на лото. И тука започнува целиот апсурд на она што всушност би требало да има среќен крај…

Сигурно барем еднаш во животот секој од нас се запрашал што би направил доколку му се падне седумка на лото. И веројатно на секој од нас на ум му доаѓаат најразлични мисли, бидејќи седумката по правило значи и голема добивка која би ни ги решила финансиските проблеми. Секако, тоа би значело и подобар и порелаксиран живот, помалку проблеми, повеќе радост… Но дали тоа навистина е така? Токму на ова прашање одговара најновата претстава, дуодрамата „За нас почнува живот“ во режија на Дејан Пројковски, која премиерно беше прикажана завчеравечер на малата сцена во Драмскиот театар во Скопје.

Полна сала и публика која со нетрпение го дочека најновиот театарски проект на Пројковски со Нино Леви и Биљана Драгиќевиќ-Пројковска во главните улоги.

А во час и половина, колку што трае претставата, присутните во салата имаа можност да ја проследат трагикомичната ситуација во која се најде еден средовечен брачен пар, кој со години отплаќа рати за долгови и на кои конечно им се случува – седумка на лото. И тука започнува целиот апсурд на она што всушност би требало да има среќен крај…

Актерите Нино Леви и Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, кои ги толкуваат главните ликови, на комичен начин преку одличната актерска игра ни ги доловија сите, или барем поголемиот дел од дилемите кои, во тие моменти на огромна среќа и шок, на човекот му поминуваат низ главата. Од тоа каде да се сокрие ливчето до исплатата на парите, а притоа се подразбира никој да не го пронајде и украде, до мислата дека конечно се отвора можноста да се отиде на долгопосакуваниот одмор, па дури и да се купи остров или вила, па и пет вили на море… Од тоа да се купи нова завеса, голема кола, па дури и хеликоптер…, до голем сомнеж дека парите можат да претставуваат и голем товар и несреќа, бидејќи ќе ги расипе децата, мажот ќе почне да гледа по други жени, а жената нема да има мир поради веројатноста дека ќе бидат ограбени, можеби и убиени од крадци, па дури и од сопствените деца?! Лудилото и паранојата одат до таму што жената почнува да се прашува зошто морало токму ним да им се случи седумка на лото, и нема ли некој што повеќе му се потребни парите..?! Секако, и покрај првичната одушевеност од добивката и двајцата не успеваат да најдат мир и задоволство, туку се навраќаат на проблемите кои ги тиштат со години наназад, за на крај од перспектива на „малиот човек“ да сфатат дека всушност и покрај проблемите кои ги носи секојдневието и покрај сите очекувања и неисполнети соништа, животот е сепак подобар без добивка на лото.

Аплаузи за режисерот и актерите кои нè насмеаја, но и натераа да размислиме во што се претвори современиот човек, кои се неговите дилеми, очекувања, на што се сведуваат вредностите и каде е тука љубовта… и на крај каков живот всушност посакуваме? Или како што и самиот режисер Дејан Пројковски вели во својата белешка за претставата: „За нас почнува живот” е претстава за човекот, за оној мал човек што го сретнуваме на улица секој ден, што работи со нас, што ни е роднина, за оној мал човек што го гледаме секое утро во огледалото“.

Прашањето е всушност дали по седумка на лото за нас почнува живот – или можеби и не?!

Инаку, оригиналниот наслов на драмскиот текст според кој е правена претставата е „Прав“ на унгарскиот автор Ѓерѓ Шпиро.

Костимограф на претставата е Марија Пупучевска, автор на музиката Горан Трајковски. Асистент на режија е Дамјан Димовски, преводот е на Маја Бражанска, а изработката на плакат и видео е на Стојан Стојановски. (Д.Т.)






0 views

Comments


bottom of page