„Другата страна на реката“ – најдобар филм на Меѓународниот фестивал на дебитантски остварувања „Кин
01.11.2021 Noemvri Ponedelnik
„Другата страна на реката“ – најдобар филм на Меѓународниот фестивал на дебитантски остварувања „Киненова“
„Другата страна на реката“ на Антониа Килијан доби Гран при за најдобар филм на шестото издание на Меѓународниот фестивал „Киненова“ 2021. Наградата ја добива за силната приказна водена од женски карактер што се обидува да го промени традиционалното општество, следејќи ги нејзините верувања и покрај противречностите и тешкотиите.
Одлуката ја донесе жирито во состав Петар Валчанов, Зане Балчус и Владимир Ангелов, истакнувајќи дека филмот демонстрира ветувачки силен глас на филмски режисер подготвен да се справи со тешки теми во предизвикувачки услови. „Сакам оваа награда да ѝ ја посветам на Хала Мустафа, главниот лик на нашиот филм која се бори за себе, за слобода, но се бори и во името на сите жени кои се борат за слобода“, рече во видео обраќање Килијан на затворањето на фестивалот.
Наградата за најдобар режисер, пак, ја доби Стефан Арсенијевиќ за филмот „Страхиња Бановиќ“ за маестралниот пристап при изнесување на виделина една многу современа тема, со ликови кои се обидуваат да најдат подобар живот и сигурност во многу неизвесни околности. „Драги пријатели во Скопје, јас по отворањето на МФФ ‘Киненова’ се вратив во Белград. Имам прекрасни спомени од средбите со драги луѓе и разговорите со нив. Оваа фантастична вест која ја добивме навистина нè израдува. Голема чест е да се добие награда за најдобра режија на фестивалот ‘Киненова’“, рече во својата видео порака Арсенијевиќ.
За многу интимното и чувствително прикажување на ликовите кои го пронаоѓаат својот пат во новите околности, кои ги предизвикуваат нивните постоечки погледи на светот – филмот „Последното капење“ на Давид Боневил и Диего Роша ја доби наградата за најдобро сценарио.
Специјална награда од жирито, пак, ѝ беше доделена на Ивона Синежинска за „Аматери“ за вештиот пристап кон справување со актерската екипа во приказна за луѓе со посебни потреби во креативна средина, а на Мелика Фороутан од филмот „Пари“ ѝ е доделена нововостановената награда „УПА“ за најдобро актерско остварување – за силната и незаборавна изведба во улога на мајка која поминува низ трансформативно искуство во потрага по својот изгубен син.
За наградите во категоријата кратки осварувања на овогодишното шесто издание на „Киненова“ одлучуваа Мехмет Бахадир, Петар Станојловиќ и Никола Поповски.
За најдобар македонски краток филм е прогласен „Касапот“ на Илчо Царовски – за креативни визуелни решенија кои дискретно и ефикасно го оплеменуваат навидум вообичаениот љубовен триаголник, со чија помош овој филм предизвикува вистинска емоционална зачудност. Наградата во име на авторот ја прими неговата сестра Тања Царовска.
За најдобар краток филм беше прогласен филмот „Пријател“ на Андреј Светлов, а специјалната награда од жирито ја доби филмот „Мајстор за сè“ на Николас Клифард.
Comments