Државниот архив одбележа 75 години; Богески: Во ерата на електронски документи посветени сме на дигитализација и обука на ИТ-кадар
- Aleksandar Santovski
- Apr 7
- 2 min read
01.04.2026 April Sreda
„Столб на македонската држава, колективна меморија“ е мотото со кое Државниот архив на Република Северна Македонија денеска свечено одбележа 75 години од основањето во 1951 година, со указ на тогашната влада. По седум и пол децении постоење, предизвик на институцијата е дигитализација на документите. Директорот на Архивот, Димитар Богески, изјави дека прават анализи колку би ги чинело дигитализацијата не само на Државниот архив туку и на деветте подрачни одделенија во негов состав.
Имаат пилот-проект од владата на Словенија за информациски систем, односно софтвер, на кој дигитализираниот материјал, рече, ќе го закачат и ќе биде достапен за научната јавност и за заинтересираните граѓани. Со оглед дека иднината е во електронски документи, Богески соопшти дека ќе изработат план за техничките услови што треба да ги создадат за Архивот за наредните сто години и планот ќе го претстават пред Владата,
- Доаѓа ерата на електронски документи, кои ќе треба некаде да се складираат. Треба да се формираат информациски системи - дали ќе бидат на облак или на сервери и потоа тие системи треба да бидат заштитени од кибернапади. Тоа ние треба да го одработиме во овој период. Кадар ни недостига, особено во информатичката технологија, но се снаоѓаме, праќаме луѓе на обука. Од септември Државниот архив ќе понуди финанисрања за дооформување на знаењето и за дообука на одреден број вработени, кои го немаат соодветното знаење - изјави Богески.
По 40-ина години поминати во стариот објект (од 1969), Државниот архив од 2014 година е сместен во нов објект и таму беа оштетени документи во архивските депоа поради проблемот со протекување. Богески изјави дека проблемите се санираат и оти состојбата сега е многу подобрена.
- Во депоата секојдневно се санираат проблемите што ќе се појават, не е иста состојбата отколку пред неколку месеци, сега се во многу подобра состојба од претходно. Се надеваме дека во најбргу што може ќе ги решиме сите и дека повеќе ќе немаме проблеми од ваков вид. Во однос на конзервацијата и реставрацијата, секторот го дополнивме со нови вработени и веќе работиме секојдневно на оштетените документи. Дополнително, со Архивот на Турција имаме склучено договор и мислам дека во мај таму ќе испратиме тим на дообука за современи методи на конзервација и реставрација - рече Богески.
За набавка, односно откуп на документи поврзани со Македонија, кои се наоѓаат во архивите на други земји, како што рече, имаат програма за истражување и нив да ги донесат овде, но дека процесот е скап.








Comments