top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„Дрдорењата на Лапо“ со Нацоски и Руџери во Национална опера и балет

Updated: Nov 18, 2021

17.11.2021 Noemvri Sreda

Оваа опера истовремено е традиционална бидејќи обработува теми и настани од време кое се случило пред 700 години, но и современа бидејќи тие теми и денеска се актуелни. Во соработка со Италијанската амбасада во државата таа ќе биде изведена на 19 ноември во 20 часот во Националната опера и балет

Италијанската опера „Дрдорењата на Лапо“ на композиторот Џо Скитино, со тенорот Благој Нацоски и баритонот Џанпјеро Руџери, а во режија на Дејан Прошев, ќе ја има својата светска премиера надвор од границите на Италија токму во Националната опера и балет на 19 ноември во 20 часот. Оваа претстава се одржува по повод 700 години од смртта на големиот италијански поет Данте Алигиери. Нашиот познат тенор Нацоски ќе го видиме и слушнеме во улога на поетот Данте Алигиери, додека улогата на Лапо Салтарели ја толкува Руџери.

“Благодарен сум што Македонија му посветува големо внимание на Данте. Операта ја компонирав за време на пандемијата и ја направив така да може да биде изведена со намален состав на оркестарот и со малку изведувачи, но со максимален ефект. Се работи за комплексно дело во кое се менуваат атмосферите од конфликтни до комични“, посочува композиторот Скитино, кој додава дека музиката ги обединува луѓето и генерира култура, љубов и мир.

Оваа опера за “лудории, кодошења и други ужасни особини во благородничката Фиренца“, истовремено е традиционална бидејќи обработува теми и настани од време кое се случило пред 700 години, но и современа бидејќи тие теми и денеска се актуелни. Всушност е посветена на Данте Алигиери и на неговиот пријател кој исто така е врвен поет и значаен човек. Тие биле современици, пријатели и имале улога во политичкиот живот, а таа нивна политичка определеност понатаму ќе предизвика и нивно разделување. Дејствието се случува во Фиренца каде живееле и твореле. Всушност ова оперско дело раскажува за случки од животот на двајцата уметници кои заедно минувале низ период одбележан со превирања важни за историјата на цела тогашна Италија. Особено се опеани посетите на Лапо во Рим, кај Папата Бонифациј VIII, кои довеле до судски процеси и одлука за протерување на двајцата поети од Фиренца…

Според директорот на Националната опера и балет Васо Ристов одржувањето на оваа претстава е резултат на културната соработка со Италијанската амбасада во нашата држава.

“Националната опера и балет со големо задоволство ја прифати соработката за заедничка реализација на операта која е чин со кој одбележуваме битен светски јубилеј, 700 години од смртта на големиот поет Данте Алигиери. Како национална установа честа е уште поголема за реализација на дело кое за првпат ќе биде презентирано и изведено надвор од границите на Италија, за првпат пред македонската публика. Реализацијата на овој проект е со цел промовирање, јакнење и збогатување на добрите односи во полето на културата меѓу двете земји“, додава Ристов.

“Оперското дело „Дрдорењата на Лапо во еден чин и две слики, напишано од Клаудио Салтарели (либрето) и Џо Скитино (музика), ќе биде изведено под диригентската палка на Иван Еминовиќ, а во претставата покрај двајцата оперски пејачи ќе учествува и хорот и оркестарот на Националната опера и балет.


2 views

Comments


bottom of page