„Драмче, споменик на времето“ – монографија од Христина Деолска
Во Делчево излезе од печат монографијата „Драмче – споменик на времето“. Автор на книгата е роднокрајниот автор Христина Деолска која неколку години работела на делото користејки податоци од архивите.
„Драмче – споменик на времето“ е збогатена со сеќавањата на личности кои живееле, учеле или работеле во селото.
-Истражувајки низ литературата, архивите, музеите, непроценливи богатства ни излегуваа пред очи. Археолошките локалитети, некогашните соборишта, водениците што веќе одамна не мелат жито, но живи се во сеќавањата на татко ми и неговите соученици и ученици и кои во оваа книга верувам, ќе направат да живеат со векови, истакна Деолска.
Книгата според авторката ќе остане аманет и сведок за корените што се развивани со векови и кои секогаш ќе ги напојуваат читателите со свежа и позитивна енергија, иако како што додава Драмче како и многу други села во делчевско е на пат да биде жртва на забот на времето и човечката негрижа кон историјата, културата, традицијата и корените.
Во монографијата ,,Драмче – споменик на времето” низ текст и слики се опфатени природно-географските карактеристики, стопанство, образование, здравство, фолклор и традиција од неговото создавање, па до денес со посебен осврт на втората половина на минатиот век.
Рецензент на книгата е проф. д-р Александар Атанасовски, а предговорот е на писателот Миле Ѓорѓијоски.
Commentaires