Драмскиот театар гостува на фестивалот РУТА во Љубљана
Драмскиот театар гостува на фестивалот РУТА во Љубљана
Драмскиот театар со претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ гостува во Словенија. Во Љубљана, од 31 јануари до 4 февруари, во организација на „Местно гледалишче“ се одржува словенечкото издание на регионалниот театарски фестивал „РУТА група Триглав“. Претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ е авторска адаптација на Сајмон Стивенс, направена според мотивите од романот на Марк Хадон. Режисерка е Зоја Бузалковска, професорка на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Асистент на режија е Димче Николовски-Димската, драматург е Александра Бошковска. Костимите во претставата се на Елена Вангеловска и Раде Василев, а сценографијата е на Константин Трпеноски. Авторската музика е на Давид Ангеловски, а кореографијата и техниката фриранинг се на Симон Симоновски. Улогите во претставата ги толкуваат актерите: Дамјан Цветановски, Трајанка Илиева Вељиќ, Александар Степанулески, Емилија Мицевска Трајковиќ, Соња Стамболџиоска, Јасмина Василева, Филип Трајковиќ, Стефан Вујисиќ, Златко Митрески и Нела Павловска. Премиерата на „Чудна случка со кучето во ноќта“ беше во декември 2021 година и досега има петнаесетина изведби. Режисерката Зоја Бузалковска истакнува дека она што „Чудна случка со кучето во ноќта“ го прави возбудлив материјал за работа е темата што ја отвора овој текст. Тоа е светот на Кристофер, светот на „посебниот“, „различниот“, „отфрлениот“, „исмеаниот“, „потценетиот“. Во време во кое многу општества, па така и нашето, се борат за инклузија на луѓето со посебни потреби, да се работи еден ваков актуелен материјал се чини исклучително важно. Во таа смисла, претставата ќе има и едукативно-воспитна функција и ќе може да ја одреди за една од своите целни групи и младата тинејџерска публика. Во пресрет на ова гостување, од Драмскиот театар – Скопје потсетуваат дека во рамките на фестивалот „РУТА група Триглав“, театарот гостуваше на сцената на „Местно гледалишче“ – Љубљана и во 2022 година, со изведбата на „Мојот маж“, на авторката Румена Бужаровска и режисерката Нела Витошевиќ.
Comments