top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Драмски со „Мојот маж“ во Подгорица на фестивалот РУТА

Драмски театар со претставата „Мојот маж“, на 20 април, гостува во Црна Гора. Во Подгорица од 18 до 24 април во организација на Градско позориште Подгорица се одржува црногорското издание на регионалниот театарски фестивал РУТА.

Претставата „Мојот маж“ е колаж од расказите на Румена Бужаровска и авторски монолози. Режисер е Нела Витошевиќ, драматург е Викторија Рангелова-Петровска. Драматизацијата е на Витошевиќ и Рангелова-Петровска. Костимограф на претставата е Роза Трајчевска – Ристоска, сценограф Костантин Трпеноски и асистент сценограф е Моника Ангелевска. Улогите во претставата ги толкуваат актерите: Сара Климоска, Емилија Мицевска, Наталија Теодосиева, Сања Арсовска, Трајанка Илиева – Вељиќ, Игор Ангелов, Исмет Шабановиќ и Филип Трајковиќ.

Во рамките на фестивалот РУТА, со изведбата на „Мојот маж“ театарот гостуваше и на сцената на Местно гледалишче Љубљана, во 2022 година, каде што имаше извонреден прием кај словенечката публика. Драмската структура на театарската претстава „Мојот маж“ е изградена од два меѓусебно испреплетени материјали, и тоа драматизацијата на шесте раскази (Супа, Празно гнездо, Прељубник, Осми март, Гени и Лиле) и документарниот материјал произлезен од авторските монолози. Дејствата/состојбите од расказите на Бужаровска, како и документарниот дел со авторските монолози тематски се цврсто поврзани со поднебјето и времето во кое се одигруваат, без притоа да се засноваат на дневно-политички актуелности. Расказите и авторските монолози имаат за цел да поттикнат надминување на стереотипите и предрасудите, и отворено инсистираат на судир помеѓу традиционалното и современото. Сега, денес, сè уште имаме потреба да се соочиме со сегашноста преку ревидирање на минатото.

Премиерата на „Мојот маж“ беше во февруари 2020 година, и досега има 23 изведби.


0 views

Comments


bottom of page