Драмски со „Моето име е Горан Стефановски“ на 67-то „Стеријино позорје“ во Нови Сад
Драмски театар Скопје, со претставата „Се викам Горан Стефановски“ во режија на Бранислав Миќуновиќ, ќе гостува на 67-то „Стеријино позорје“ во Нови Сад. По повеќегодишна пауза Драмски театар – Скопје се враќа на сцената на Српско народно позориште во Нови Сад со изведба на претставата во меѓународната програма „Кругови“.
„Се викам Горан Стефановски“ ќе биде изведена в недела на 29. мај.
Драматург на претставата е Бранислава Илиќ, драмски писател и професор на Факултетот за драмски уметности во Белград.
Претставата е авторска адаптација од изборот на драми и монтажа на сцени од седум драми на Горан Стефановски напишани во период од 1987 до 2021 година („Црна дупка“, „Лонг плеј“, „Сараево“, „Казабалкан“, „Хотел Европа“, „Euroalian“ и „Одисеј“) Сценограф на претставата е Александар Дениќ, автор на музиката Влатко Стефановски. Улогите во претставата ги толкуваат актерите: Биљана Драгиќевиќ – Пројкоска, Јелена Жугиќ, Софија Куновска, Соња Стамболџиоска, Ана Димитрова, Мето Јовановски, Драган Спасов – Дац, Игор Ангелов, Златко Митрески, Стефан Вујисиќ, Дамјан Цветановски и Саша Димитриевска.
Ансамблот на Драмски театар-Скопје со ова гостување на 67-то „Стеријино позорје“ ја продолжува повеќедецениската традицијата на успешни изведби и наградувани претстави на еден од најпрестижните театарски фестивали во регионот. Првото учество на Драмски театар Скопје на „Стеријино позорје“ било во 1966 година со претставата „Богомилска балада“
Comments